Честитки од премиерот Спасовски до премиерот Санчез и канцеларот Курц за повторниот избор на позициите

Техничкиот премиер, Оливер Спасовски денеска испрати писма со честитки до Себастијан Курц за повторниот избор на функцијата сојузен канцелар на Република Австрија, како и до Педро Санчез за повторниот избор за премиер на Кралството Шпанија.

Во честитките, премиерот Спасовски им посакува на канцеларот Курц и на премиерот Санчез успеси во нивните натамошни професионални ангажмани и го нагласи значењето на добрите односи на нашата држава со Австрија и со Шпанија.

-Изразувам благодарност за поддршката што Шпанија целосно и континуирано ѝ ја дава на Република С. Македонија на патот на европската и евроатлантска интеграција. Уверен сум дека претстојната засилена соработка во рамките на НАТО, во улога на формални сојузници и партнери во Алијансата, ќе придонесе за зацврстувањето на безбедноста и стабилноста како на нашиот регион така и на Европа. Верувам дека со заемни залагања и ангажмани, во претстојниот период, ќе придонесеме и кон натамошно јакнење на нашето пријателство и соработка, наведува Спасовски во честитката за Санчез.

Во честитката до канцеларот Курц, пак, изразува подготвеност за натамошна соработка со цел дополнително унапредување на билатералните односи меѓу двете земји, во духот на пријателството и меѓусебното разбирање.

-Ја искажувам нашата благодарност за досегашната цврста поддршка од Австрија на патот на интеграцијата на Република С. Македонија во Европската унија со надеж дека соработката на овој план и во иднина ќе продолжи со несмален интензитет, како и досега, стои во честитката.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *