Македонскиот пасош на 47 место на листата на „најмоќни патни исправи“ во светот

Патната исправа на Република С. Македонија е рангирана на 47 место на листата на „Хенли Паспорт Индекс“ на „најмоќни пасоши“ за 2020 година, изработена врз основа на тоа во колку држави со нив може да се патува без виза.

Според оваа класификација, со македонски пасош може слободно без виза да се патува во 123 земји ширум светот.

На врвот на листата е пасошот на Јапонија со кој без виза може да се патува во 191 држава, а потоа следуваат патните исправи на Сингапур, кој има безвизен режим со 190 земји, додека на делба на третото место се Јужна Кореја и Германија, чии државјани слободно може да патуваат во 189 држави.

На листата на „најмоќни пасоши“ потоа како четврти следуваат Италија и Финска со безвизен режим во 188 земји, петти се Шпанија, Луксембург и Данска, со чии патни исправи може да се патува во 187 држави, а шести се патните исправи на Шведска и Франција со кои без визи може да се патува во 186 земји.

Од земјите во регионот, најдобро рангирана е Грција на делба на осмото место со безвизен режим со 184 земји, а потоа следат Словенија (11-та/безвизен режим со 180 држави), Романија (17-та/безвизен режим со 172 земји), Бугарија (18-та/безвизен режим со 171 држава), Хрватска (20-та/безвизен режим со 169 земји), Србија (39-та/безвизен режим со 133 држави), Црна Гора (46-та/безвизен режим со 124 земји),  Босна и Херцеговина (52-ра/безвизен режим со 117 држави), Албанија (54-та/безвизен режим со 114 земји), Турција (55-то/безвизен режим со 111 држави) и Косово (99-то/безвизен режим со 40 земји).

Последен на листата, како 107-ми, е пасошот на Авганистан со кој може да се патува без виза во само 26 држави, а пред него се патните исправи на Ирак (106/безвизен режим со 28 земји) и Сирија (105/безвизен режим со 29 држави).

Авторите на листата на „Хенли Паспорт Индекс“ за 2020 година оценуваат дека слободата на патување е во силна корелација со другите видови на слободи, почнувајќи од економската, до политичка, како и индивидуална и човечка слобода.

– Постои јасна поврзаност и помеѓу визната либерализација и слободата на инвестирање. Државите кои се високо рангирани според слободата на инвестирање генерално имаат и помоќни пасоши, се заклучува во анализата. сп/дма/