УНХЦР и САД го поздравија пристапувањето на земјава кон Конвенцијата за намалување на бројот на аптриди

Пристапувањето на С. Македонија кон Конвенцијата за намалување на бројот на лица без државјанство (апатриди) од 1961 година е важен чекор во глобалните напори за ставање крај на оваа појава, соопшти Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР), посочувајќи дека со ова вкупниот број на држави потписнички на Конвенцијата се искачи на 75.

– Пристапувањето на С. Македонија претставува многу позитивен развој кон искоренување на бездржавноста, изјави директорот на Бирото на УНХЦР за Европа, Пасквале Моро.

С. Македонија се приклучи на Конвенцијата за намалување на бројот на лицата без државјанство од 1961 година, во петокот на 3 јануари, што ја прави меѓу првите земји што го сториле тоа по состанокот во Женева во октомври 2019 година на Сегментот на високо ниво за лица без државјанство на кој беше одбележана средишната точка од десетгодишна кампања #Припаѓам (Belong), која беше покрената во 2014 година за искоренување на бездржавноста до 2024 година.

Околу 3,9 милиони лица без државјанство се појавуваат во извештаите на 78 земји, но УНХЦР проценува дека вистинската бројка е значително поголема.

Амбасадата на САД во земјава ја поздрави ратификацијата на конвенцијата на Светската организација од страна на властите во државата.

– С. Македонија е меѓу првите земји што се придружија на Конвенцијата на ОН за намалување на бројот на апатридите од 1961 година. Земјата презеде клучен чекор во борбата против бездржавноста – кога некое лице нема државјанство на ниту една држава, стои во објавата на Фејсбук на Американската амбасада во Скопје.

С. Македонија од 1994 година е членка на Конвенцијата за статусот на лица без државјанство од 1954 година. Пристапувањето на државата кон двете конвенции за бездржавјанство сигнализира заложба на Владата да ги заштити лицата без државјанство и да ги реши причините за бездржавјанството, како што се празнините во националното законодавство.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *