Божиќните пештери изработени од Раичкото сестринство внесуваат божиќна атмосфера во многу домови

По повод Христово раѓање – Божик, во многу македонски домови внесена е божиќната атмосфера, благодарение на преубавите божиќни пештери изработени од вредните и тродољубиви сестри од манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ од дебарското село Рајчица, кој се наоѓа на околу два километра оддалеченост од градот, на десната страна од патниот правец Дебар – Маврово.

-И оваа година, покрај големите ангажмани околу подготовката на претстојниот јубилеј „1000 години Бигорски манастир“, нашето сестринство со благослов на својот старец, архимандрит Партениј, се погрижи да изготви Божикни пештери и така да одговори на сè позасилениот интерес на верниците за вакви божиќни украси, вели сестра Ефимија.

Пештерите се направени од различни прикладни материјали, уникатно украсени и збогатени со иконата на Рождеството Христово и со кандилце. Претставуваат прекрасно надополнување на Божиќното дрвце, во духот на православната традиција.

-Изработката на божиќните пештери во нашиот манастир почна пред десеттина годни, како обид за возобновување на старите автентични божиќни традиции. Порано постоела една традиција во која верниците, возрасните, особено дечињата, на ден Бадник излегувале надвор, и насекаде, од куќа во куќа, по улците, во градовите и селата, ја пренесувале веста за раѓањето Христово. Тоа го изразувале на најразлични начини,со најразлични симболи, но најповеќе со импровизирана пештера во која ставале икона на рождеството Христово. Сето тоа всушност ја симболизирало Витлеемската пештера во која се родил нашот Бог Исус Христос, додава сестра Ефимија.

Посочува дека оваа една преубава традиција за жал во еден подолг период во нашата земја била замрена.

– Благодарејќи му на Бога од страна на нашиот старец Архимандрит Партениј истата пред неколку години беше возобновена. Прекрасно е да се види како дечиња во сите градови во нашата земја со пештера во раце пеејќи ја песната „Вечниот бог“ го најавуваат Христовото раѓање,вели сестрата и со блага насмевка додава дека од лани оваа традиција е обновена и во Дебар.

Божик, додава таа, е време кога треба да се потсетиме на најголемиот дар на Бога за целото човештво, најголемиот израз на Неговата љубов – раѓањето Негово од Дева, заради спасението на светот.

-Затоа сѐ на Божик треба да потсетува на тој спасителен за нас миг. Тогаш и домовите наши треба да го носат ликот на Витлеемската пештера, за со својот празничен амбиент да ја раскажуваат таа чудесна Божикна приказна за Божественото Дете, кое дојде кај нас и ни ги донесе мирот, радоста, лубовта, вели таа.

Со голема љубов кон Бога, трпение и молитви за мир и благостојба сестрите изработиле со стотици пештери, кои красат многу домови, цркви, но и простории на компании, фирми, институции.

Една од големите украсни пештери од веќе неколку години се поставува и на плоштадот во Охрид, каде останува до Водици и на која и се восхитуваат охриѓани и туристите.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *