Поддршка за набавка на машини за обработка на сламата во Кочанско

Општина Кочани дава поддршка на барањата на земјоделците за решавање на потребите и проблемите со кои се соочуваат, меѓу кои и за набавка на соодветна механизација за обработка на сламата што остана неискористена по жетвата на оризот.

На работната средба со претставници од земјоделските здруженија, кластери, откупувачи, преработувачки капацитети за ориз и со индивидуални оризопроизводители од Кочани, градоначалникот Николчо Илијев истакна дека еден од начините општината да помогне е со стручна помош при аплицирањето за механизација од ИПАРД-програмата.

Посебен акцент на средбата беше ставен на проблемот со палењето на стрништата и сламата, како една од најголемите причини за загадувањето на воздухот и животната средина.

–Се договоривме откупувачите на ориз да обезбедат спецификации за потребните роло-балирачки и сечкалки за слама за комбајните. Потоа, оваа опрема ќе ја набави комуналното јавно претпријатие „Водовод“ со што ќе се обезбеди поефикасно собирање на сламата, која ќе се преработува во природно ѓубриво во пречистителната станица за отпадни води кај селото Мојанци. Констатиравме дека со пробивањето на полските патишта и функционирањето на исцедните канали, 80 отсто од оризовата слама би можела да се собере, а со тоа и да се намали палењето на стрништата, истакна градоначалникот Илијев.

Разговарајќи за состојбите во оризопроизводството, на средбата беше потенцирано дека во моментот цената на оризот е реална и се движи од 18 до 26 денари за килограм арпа и од 45 до 50 денари за белиот ориз. Исто така, заклучено е дека за поевтино производство потребно е окрупнување на земјоделските парцели и организирање на индивидуалните земјоделци во земјоделски задруги.

–Имаме проблеми со пристапните полски патишта. Општината и Катастарот можат да ја решат узурпацијата и овие патишта да се пробијат, па земјоделците да имаат пристап со својата механизација. На потешко достапните места треба да се реши протокот на водата до нивите и да се подобри соработката со ЈП Водостопанство „Брегалница“ за чистење и одржување на вадите и каналите, истакнаа претставниците на земјоделците.

Од Општина Кочани најавија дека нова средба со претставници на оризопроизводителите, во поширок состав, ќе се одржи на почетокот на идниот месец.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *