Протест во Струмица против загадувањето

Десетина граѓани организирани во неформална граѓанска организација денеска со мирен протест на плоштадот „Гоце Делчев“ го искажаа своето незадоволство од аерозагадувањето во Струмица.

Според граѓаните кои излегоа на протестот, најголеми загадувачи на воздухот се оранжерите кои гореле се и сешто, депонијата „Шапкар“ кај селото Добрашинци, илјадниците стари автомобили на територијата на општина Струмица, за кои не знаеле како поминувале на технички преглед и неконтролираната сеча на шумата, посебно во појасот над градот. Заради тоа, тие упатија неколку барања до институциите за намалување на аерозагаденоста.

– Редовни контроли на сите споменати загадувачи и индустриски капацитети, контрола на суровините кои се горат низ оранжериите. Санкционирање на сите прекршители без исклучок, да се посветиме на садење дрвја и обновување на постоечките дрвореди, сезонски акции за пошумување, контрола на сообраќајот во услови на енормна загаденост и воведување на пар-непар возење, субвенции за инвертер клими и во Струмица. И последно и најважно – ние ви стоиме на располагање и инсистираме на лична средба за да ни кажете кои конкретни мерки ќе бидат преземени и како ќе пристапите кон решавање на ситуацијата што е можно поскоро. Едноставно не прифаќаме не за одговор, рече Данче Стефановска Апостолова.

Денешниот е втор протест на оваа група граѓани по тој што го одржаа пред 14 денови и како што рекоа досега никој од надлежните не презел никакви мерки.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *