Новогодишни пакетчиња за децата без родители и за децата во кумановската болница

Градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски денеска организираше прием за децата без родители, родителска грижа, деца сместени во згрижувачки семејства. Средбата е претпразнична и е традиција што општината ја негува со години наназад.
– Да ви посакаме претстојни убави празници, да уживате и да се радувате, рече Димитреисвки, кој се заблагодари и на членовите на семејствата и на згрижувачките семејства и установи кои се грижат за децата, за ангажамнот и за хуманата дејност која ја обавуваат.

Новогодишни пакетчиња денеска добија и дечињата сместени на детскиот оддел од кумановската болница. Димитриевски им посака побрзо закрепнување. И градоначалникот и директорката на болницата, Снежана Захариева,  истакнаа дека е многу значајно, болницата да се затоплува на гас.

-Наша обврска е да работиме на подобрување на стандардите и разговаравме со директорката  и за гасификација на болницата на која што интензивно работиме и од страна на општината и од болницата и се надеваме дека следната грејна сезона конечно ќе успееме да имплементираме проект со кој и болницата ќе се затоплува со еколошко гориво, а тоа секако е гасот, рече Максим Димитриевски.

Захариева информираше дека во овој период има поголем број деца кои примаат терапија и во дневната болница и на самото одделение.