Власта во заминување го празни буџетот и прави ненадоместливи штети.
Договорот на Зоран Заев и Драги Рашковски со новоформираната фирма „САРХЕМС“ ќе ги чини граѓаните 72 милиони евра, а нема да биде без никакви трошоци, како што лажеа.
Ова е барање од компанијата до Владата за носење на соодветна уредба со која што ќе се пропише регулатива за утврдување и овозможување на прибирање на надоместокот од столбовите за финансирање предвидени во договорот за јавно приватно партнерство. Барањето е потпишано лично од партнерот на Заев и Рашковски, Саша Џаковиќ и испратено до владата на 17-ти декември. Освен на спорниот договор, партнерот на Заев и Рашковски се повикува и на одредби од Законот за јавни патишта со што се потврдува сомнежот кој во повеќе наврати го искажавме дека еден од начините на финансирање е можно да биде и преку наплатата на патарините.
Во второто барање адресирано до владата, Саша Џаковиќ го моли Заев да обезбеди локација за сместување на хеликоптерите и неговиот персонал. Уште една работа на која што укажувавме кога велевме дека физибилити студијата предвидува и директен трошок од државата со оглед на фактот што компанијата сака да и се даде на користење објекти, инфраструктура и опрема на Центарот за обука на пилоти. Повторно ќе напоменам дека во самиот Центар досега се инвестирани 10-тина милиони евра.
Третото барање испратено до владата во истиот ден се однесува на молба до Заев и Рашковски да овозможат склучување на меморандуми за соработка со државните институции и тоа министерството за одбрана, министерството за внатрешни работи и за министерството за здравство, М-НАВ, ЦУК и АЦВ, Дирекцијата за заштита и спасување и другите државни институции засегнати со овој проект. Приватната компанија меѓу другото очекува со овие меморандуми да се регулира и упатување на персонал од составот на наведените институции на должност кај приватниот партнер. Веќе предупредувавме дека скандалозниот договор на Заев и Рашковски предвидува ангажман на персонал од МВР и АРМ за приватниот партнер со што се доведува во прашање оперативноста на службите, но и се наметнува прашањето околу плаќањето на персоналот, а и самата потреба со оглед на фактот што МВР веќе извршува и овој тип на мисии.
На сите три барања, приватниот партнер очекува да им биде позитивно одговорено, а сето тоа да биде сторено во координација со нив.
Доколку ова не е сомнителен и коруптивен договор, тогаш што е?
Доколку ова не е криминал на власта во заминување, тогаш што треба да направат за Јавното обвинителство да се освести и да преземе мерки?
Го кријат договорот и неговите анекси како што змијата ги крие нозете, но повторно се фатени живи. Безмилосно земаат се што можат пред да ја напуштат власта. Избегнуваат да одговорат што добиваат граѓаните за 72 милиони евра, колку летови се вкалкулирани, колку чини час лет и кој ќе плаќа откако ќе се надмине бројот на прелети!?
Бараме итно да се отвори истрага пред да се направат дополнителни обврски и штети за Република Македонија, одговорност за ваквото расипничко однесување ќе има по 12-ти април.
Новинарско прашање: Власта ве обвинува за кочење на законите за поголеми плати и пензии. Вашиот коментар?
Одговор на новинарско прашање: Власта како по обичај особено последниот период лаже и манипулира. ВМРО-ДПМНЕ секогаш е на страна на граѓаните и секогаш кога станува збор за економски закони, за закони кои што предвидуваат било какво покачување, дали е тоа на пензии, плати и слично ќе даде поддршка и во минатото давало поддршка. ВМРО-ДПМНЕ го кочи донесувањето на законот за дроги. ВМРО-ДПМНЕ нема никогаш да се согласи и нема да го поддржи овој закон, а Заев и неговата криминално-рекетарска банда се обидуваат на мала врата, на скриен, на шверцерски начин под завесата на овие неколку други закони да го прошверцуваат така речено овој закон и ги ставаат во една ситуација 2 милиони граѓани на Република Македонија во ситуација на заложништво. Тоа нема да го дозволиме и тоа нема да помине.
Новинарско прашање: Ги спомнавте опојните дроги. Во Собранието има многу закони. Дали меѓу сите овие закони е и истиот закон за опојни дроги?
Одговор на новинарско прашање: Да истиот закон е и тоа како што напоменав пред малку на овој шверцерски начин се обидуваат тој да помине. Јас сабајлево и пишував на оваа тема и сега пред вас овде ќе го повторам уште еднаш прашањето: Зошто никој не го истражува Колулија, бизнис партнерот на Заев, односно бизнис партнерот на бизнис партнерот на Заев кој што заедно со неговата фамилија се влезени со бизнисот со марихуана, како човекот е притворен во Србија, како едноставно нашле начин сето тоа да го спречат? Тоа е огромна афера каде што цветот од марихуана под плаштот на тоа дека доаѓа од друга странска држава ја внесува Македонија и е дистрибуиран во трети земји. И за сето тоа обвинителството молчи и не најде засходно во целиот овој изминат период да отвори истрага и да провери што се вистински случува. И од ова бегаат. Бегаат на најбрутален начин и се обидуваат да го скријат.
Новинарско прашање: Има ли договор за поддршка од ваша страна на 40 закони од оние што се сега во собраниска процедура и што се наоѓаат на пленарна седница? Дали со тоа отпаѓа заканата на премиерот Зоран Заев дека можеби нема да поднесе оставка, што значи пак реализација на техничка влада? До каде се подготовките во ВМРО-ДПМНЕ и викендов дали се среќавате со СДСМ на ова тема?
Одговор на новинарско прашање: ВМРО-ДПМНЕ е секогаш спремно исто како што сме спремни и како што ќе ги поразиме со огромна разлика на 12 Април. Во целиот овој период се подготвувавме и сме максимално подготвени за она што следува. Она што Заев вие велите дека било на некој начин закана, јас го гледам како уцена и огромна манипулација. Човекот е свесен дека е уште неколку дена премиер и дека веќе никогаш повеќе нема да се наоѓа на тоа место и буквално губејќи го тлото под нозете се обидува се да направи зашто подолго да остане таму, меѓутоа тоа нема да му успее. Тоа му го порачуваме ние како ВМРО-ДПМНЕ, меѓутоа тоа му го порачуваат и граѓаните. Јас пред малку кажав сите економски закони, сите закони кои што се од бенефит за граѓаните ние ќе ги поддржиме, сме ги поддржувале во минатото исто така да ве потсетам. Така да нема причина зашто истите да ги кочиме, меѓутоа од друга страна се она што е штетно за граѓаните како што е законот за опојни дроги и се она што СДСМ и Заев се обидуваат на шверцерски начин да го протнат низ Собрание како изборниот законик, како законот за одбрана тоа нема да го поддржиме и нема да го гласаме и затоа веќе мал милион пати во изминатиот период сме говореле јавно и сме ги кажале нашите ставови.
Да, да викендов ќе има средба на кои што треба да се договорат деталите во однос на техничката влада која што на 3 Јануари ќе се формира се со цел за да имаме фер и демократски избори на 12 Април.
Новинарско прашање: Би инсистирал малце на поконцизно, спикерот на собранието Џафери пред малку изјави дека на координација власта и опозицијата се договорила за изгласување на тој пакет закони од друга страна Хари Локвенец од СДСМ пред некој час време рече дека распишувањето на изборите зависи од утрешниот ден од ВМРО ДПМНЕ дали опозицијата ќе ги подржи тие закони. Дали се подготвувате воопшто за моментот дека може избори да нема ?
Одговор на новинарско прашање: Видете за нас не доаѓа во предвид да нема избори, видете не станува овде избориве на кој како ќе му текне така да прави. Значи имавме лидерска средба каде што беа присутни буквално сите политички чинители, политички субјекти , големи политички партии каде што заеднички се договоривме и не може сега само затоа што на еден му е нелагодно, а тој еден го знаеме кој е со име и презиме тоа е Зоран Заев и тоа му нелагодно односно не се осеќа спремен затоа што знае дека ќе изгуби и затоа што ќе биде уште 5 дена премиер и никогаш повеќе, сите останати во државата да бидеме заложници. Избори на 12 април ќе има.
Новинарско прашање: Само уште едно појаснување во однос на овие нели спорни закони факт е дека сепак од страна на ВМРО ДПМНЕ илјадници амандмани се поднесени, дали ова значи дека утре постои можност да биде дадена вашата поддршка се со цел викендов да бидат испеглани ставовите ?
Одговор на новинарско прашање: Значи еве по трети четврти или петти пат. Сите закони кои што се од бенефит на граѓаните плати, пензии се останато никогаш не сме ги кочеле, нема да ги кочиме и ќе ги подржиме. Се останато како законот за дроги, измените на изборниот законик во насока на менување на изборниот модел на неколку месеци пред избори и законот за АРМ нема да го подржиме и нема да го гласаме.