Претседателот Пендаровски во посета на Општина Кичево

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, во рамки на проектот „Лице в лице со претседателот“, денеска престојува во посета на Општина Кичево.

Во основното училиште „Санде Штерјоски“ Пендаровски посети две паралелки кои наставата ја следат на македонски, односно на албански јазик. Во училиштето настава следат ученици Македонци, Албанци, Турци и Роми и е пример за меѓуетничка интеграција во образованието. Исто така, претседателот Пендаровски ја посети паралелката на деца со попреченост, кои учат училиштето.

Во училишната библиотека, претседателот Пендаровски се сретна со 18-годишниот Албин Алиу, иноватор кој има направено проект за изработка на хартија од алги, собрани во Охридското Езеро. Тој го запозна претседателот Пендаровски со својот проект, со кој освоил трето место на натпревар во Њујорк – САД, во областа на биохемијата.

За време на посетата на Кичево, претседателот Пендаровски го посети и основното училиште „Владимир Полежиноски“, каде беше посочен трендот со намалување на бројот на ученици во градот. За време на посетата, претседателот Пендаровски даде интервју за училишниот весник „Ѕуница“, што го подготвуваат учениците од новинарската секција.

Во општинската организација на Црвениот Крст во Кичево, претседателот Пендаровски се сретна со д-р Љуљзим Јахоја, добитник на националното признание за истакнат волонтер на годината, за 2019-та. Јахоја, кој по професија е невролог, веќе 15 години е волонтер во Црвениот крст.

За време на престојот во општина Кичево, претседателот Пендаровски ќе се сретне со новинари од локалните медиуми, а ќе го посети и грнчарот Стојан Стојанов во селото Вранештица.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *