Спасовски: Доколку се надминат разликите немаме проблем изборите да се одржат на 12 април

Треба да се надминат разликите околу застојот со носењето закони во Собранието и во тој случај немаме проблем предвремените парламентарни избори да се одржат во предвидениот термин на 12 април, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во коментар на вчерашната изјава на премиерот Зоран Заев за можноста да се одложат изборите.

Тоа што е кажано, посочува Спасовски, е факт во услови кога важни законски решенија се закочени без никаква причина.

– Не знам колку тоа предизвика негативни и позитивни реакции, но тоа што беше кажано е факт во услови кога имате најважни законски решенија да бидат закочени и без никаква причина. Меѓутоа, сметам дека сите овие разлики треба да се надминат и доколку се надминат немаме проблем изборите да се одржат на 12 април и да одиме во предвидениот термин, рече министерот Спасовски, во емисијата „Утрински брифинг“ на ТВ Слободен печат.

Државата, порача министерот, не треба да има проблем со „кочење“ на Парламентот и не носење закони коишто се во интерес на граѓаните. – Имаме закон за зголемување на пензиите и некои други закони во Собранието. Знам дека опозицијата ги аргументира своите ставови дека имало многу законски решенија во моментов во Собранието, но тие се во најголем дел усогласувања со Законот за прекршоци, но како и да, е одговорноста на политичките субјекти во овој момент е многу важна, потенцира Спасовски.

Како што дополни министерот за внатрешни работи, носењето на одлуката за изборите беше токму детерминирана од нашето пристапување кон НАТО, врз основа на сите анализи помеѓу политичките партии, како и дека ќе се исполни условот за официјалното членство на државата во Алијансата.