Дури и пред кризата со бегалците од Блискиот Исток да стане главна тема на светските вести, поттикнувајќи акции на хуманитарните организации и политички дебати за тоа како да се реши проблемот, една жена од Велес застана во првите редови на справување со катастрофата кога илјадници луѓе почнаа да се појавуваат на нејзиниот праг, наведува порталот „Балкан Инсајт“ во текстот под наслов „Херои на 2019: Луѓе кои презедоа акција за позитивни промени“.
– Новинарката која страна хуманитарка, Ленче Здравкин живее во куќа покрај железничката пруга што води кон границата со Грција, рута што бегалците и мигрантите ја користеа како патоказ за да ја минат земјата пеш и да продолжат со своето патување кон Централна и Западна Европа, наведува „Балкан Инсајт“ во делот посветен на Здравкин, со поднаслов „Жената која стана „ангел на бегалците““.
Здравкин вели дека првите бегалци и мигранти на кои им помогнале таа и нејзините сопруг и двајца синови пристигнале уште во 2013 година во групи од по 20 или 30 лица, меѓу кои повеќето биле деца кои оделе пеш.
– Ми беа потребни само два дена за да сфатам кои се тие и зошто минуваат покрај мојата куќа по железничката пруга. Започнав да им варам чај, приготвувам јајца и да им купувам овошје, изјави Здравкин за веб – страницата на Телото на ОН за родова еднаквост и поддршка на жените (ОН Жени) во 2016 година.
„Балкан Инсајт“ посочува дека кога бегалската криза го достигна својот врв во 2015 година, куќата на Здравкин се претворила во вистински центар за помош на илјадници бегалци, каде тие можеле да најдат засолниште, да добијат храна и вода и да се одморат пред да го продолжат своето патување.
– Почнаа да доаѓаат се повеќе бегалци. Некои денови пречекував 300 или 400 од нив, па почнав да месам леб. Беше физички тешко, сè додека мојот сопруг не ми купи миксер за тесто, се потсетува Здравкин.
Порталот додава дека и денес кога бегалската криза е минато, куќата на Здравкин сè уште е отворена за патници, од кои повеќето се млади мигранти без документи, кои сè уште ја користат истата рута во потрага по подобар живот.
– Нејзината куќа служи како импровизиран медицински центар за повредените, место каде што тие можат да најдат топла облека и поцврсти пар чевли, да закрепнат и да се обидат да контактираат со блиските, пред да го продолжат своето патување, наведува „Балкан инсајт“, пренесувајќи ја изјавата на Здравкин, кој вели дека во сите момчиња кои доаѓаат во нејзиниот дом, ги гледа своите деца.
Порталот потсетува дека Здравкин со нејзината хуманитарна работа со бегалците, стана легенда во земјава и во странство, како и дека во 2018 година ја доби една од највисоките почести во државава – наградата „Мајка Тереза“ за најголеми достигнувања во хуманоста и солидарноста.
Тоа сигурно е пригодна награда. За илјадниците бегалци, дури и за оние кои сè уште не стигнале до нејзиниот праг, Здравкин е едноставно позната како „Мајка Ленче“, „Жената крај железничката пруга“ или „Ангел на бегалците“.
– По кризата мојот живот стана поедноставен. Повеќе не се грижам за малите работи како порано…, видов што значи кога луѓето немаат ништо. Видов деца како одат по камења, гладни. Целата перспектива ми се промени, ја пренесува „Балкан Инсајт“ изјавата на Здравкин за ОН Жени.