За името оптимизам и различни ставови, идентитетот – црвена линија

Со информација за оптимизам за прашањето за името и за разлики во ставовите на Македонија и на Грција, како и порака од македонска страна дека идентитетот не е предмет на одлука, продолжува текот на долгогодишниот спор по средбите на медијаторот Метју Нимиц со македонскиот и грчкиот државно-политички врв.

И по средбите и изјавите на медијаторот и политичарите изостанаа  официјални коментари за предлозите за името за кои се пишуваше во изминатиот период, за да не му се наштетело на процесот.

– Верувам дека решението, кое е можно, е конзистентно. Има разлики во ставовите меѓу двете земји, но јас сум оптимист, изјави Нимиц, по вчерашната средба со шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, на која и претходеа и средби со претседателот Ѓорге Иванов и премиерот Зоран Заев.

Нимиц оцени дека македонската Влада е целосно компетентна да го задржи идентитетот, а Димитров порача дека идентитетот не може да биде предмет на преговори, бидејќи не е предмет на одлука.

– Тоа е резултат на историски процес и прашањето е многу поголемо од мене, и воопшто од целата генерација на денешните политичари, а веројатно и идните. Ако дојдеме до таа точка за решение да треба да се допре иднетитетот, за жал нема да има решение, рече Димитров на прес-конференцијата во Скопје, по која неговите ставови станаа прва и главна тема во грчките медиуми.

Има, како што наведе Димитров, идеи кои не се така лоши и некои кои не се така добри и создаваат загриженост кај нас.

Во однос на тоа дали гледа иредентизам во името Македонија, за што обвинува грчката страна, Нимиц потсети дека изминатите години ова прашање било дискутирано и упати на Резолуцијата на СБ на ОН од 1992 година.

Не сака да шпекулира за тоа што ќе се случи ако овие разговори не успеат, затоа што смета дека е стасано до точка до која двете страни напорно работат за решение.

Од помош е тоа што, според Нимиц, владите во Македонија и во Грција се со компетентни дипломати и одлучни лидери, а, како што рече, во следните неколку месеци ќе видиме дали ќе биде постигнат напредок или не.

На средбата на медијаторот Нимиц со премиерот Заев пак беше оценето оти во оваа фаза од разговорите е создаден позитивен момент, и оти двете земји покажуваат дека се посветени на натамошно градење на довербата. Биле издвоени првите придобивки од средбата на премиерите Заев и Ципрас во Давос, кога од двете страни беше изразена политичка и добра волја за првите практични чекори како што беше најавеното преименување на автопатот, а од грчкиот премиер беше најавено одблокирање на втората фаза од Договорот за стабилизација и асоцијација и можност Република Македонија да стане член на Јадранско-јонската иницијатива.

Процесот на разговорите, соопштија од владината прес-служба, продолжува и понатаму под покровителство на ОН и на амбасадорот Нимиц, и идните разговори за решавање на ова прашање лидерските места на преговарачките тимови ги преземаат министрите за надворешни работи на двете земји.

Претседателот Иванов, пак, потенцирал дека решението за разликата околу името може да се бара само во рамки на Обединетите нации, и го реафирмирал ставот дека е потребно стриктно придржување до рамката во која се водат разговорите – Повелбата на ОН, резолуциите на Советот за безбедност, Времената спогодба и пресудата од Меѓународниот суд на правдата.

Иванов истакнал дека Република Македонија ќе продолжи и натаму конструктивно да учествува во процесот, со цел изнаоѓање решение на наметнатиот спор од страна на Грција, кое нема да задира во идентитетот на македонскиот народ и нема да го наруши достоинството на македонските граѓани.

И претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пред Нимиц рекол дека разговорите за името треба да продолжат да се водат во рамката утврдена од ОН, почитувајќи ги документите и принципите на Советот за безбедност, Времената спогодба и пресудата од Меѓународниот суд на правдата. Решението за кое преговара македонската Влада треба да ги запазува државните и националните интереси и да не го загрозува идентитетот на Македонците, порачаа од најголемата опозициска партија и изразија загриженост за, како што посочија, одредени чекори во грчкото општество кои иритираат и поттикнуваат негативи чувства кон Република Македонија и кои не се од помош на целокупниот процес.

Од Али Ахмети, лидер на ДУИ и коалициски партнер во Владата, Нимиц, како што изјави, добил добри совети и уверување оти ќе игра конструктивна улога во напорите да се изнајде фер и разумно решение. Ахмети, пак, изјави дека му дава целосна поддршка на медијаторот во неговата мисија за решавање на спорот, изразувајќи надеж што е можно поскоро ова прашање да има епилог.

Иницијативата за решавање на спорот вчера ја поздрави и Форумот за Демократска Македонија (ФДМ), заедница на иселеници од Македонија и нивните потомци од целиот свет, од каде оценија дека посетата на Нимиц на Македонија како и неодамнешната средба на премиерите Заев и Ципрас во Давос, се силен импулс за конструктивни разговори кои би воделе кон достоинствено и прифатливо решение на овој повеќедецениски спор.  Од  ФДМ најавија дека ќе го поддржат исходот за кој македонската Влада, граѓаните на Република Македонија и сите учесници во преговорите ќе одлучат дека е решение на спорот.

Во Грција пак, паралелно со информациите за посетата на Македонија и средбите на Нимиц со македонскиот државно-политички врв, продолжуваат најавите за протести и контрапротестите во Атина што треба да се одржат викендов.

За шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас, кој во интервју  за Ројтерс, изрази убеденост дека до јуни ќе се реши прашањето за името,  протестите во Грција  се знак на демократија, а луѓето и во двете држави што не се согласуваат со добар компромис, не значи дека имаат лоша намера.

Досега, протестот најавен за в недела на атинскиот централен плоштад, пред грчкиот Парламент, јавно го поддржаа: Грчката православна Црква, политичките партии Нова демократија, Независни Грци и Сојуз на централисти, грчкиот композитор Микис Теодоракис, но и Сојузот на општини во Грција. Коалицискиот партнер во грчката Влада, Панос Каменос, рече дека членовите на неговата партија како слободни граѓани ќе учествуваат во протестот за „Македонија“ затоа што грчките граѓани „ги изразуваат националните позиции и им помагаат на преговорите“.

Паралелно со протестот на плоштадот Синтагма, на оддалеченост од само 800 метри, анархистите подготвуваат контра протест, односно антифашистички собир.

Во меѓувреме претседателката на ПАСОК и лидер на Движење за промена Фофи Генимата, во писмена изјава испратена до медиумите, прашува каква спогодба подготвува владата, кога не постојат политички предуслови за консензус околу името.

Генимата ја обвини грчката влада за тајно дејствување и уште еднаш повтори дека е потребно да се свика лидерска средба со претседателот на државата.

Во изјава за локалните медиуми од Солун, градоначалникот Јанис Бутарис вели дека преговорите се работа на Владата, а ниту тој ниту граѓаните не можат да и кажуваат како да преговара. Неговата позиција, наведе, е сложено име, нешто што беше одлучено од претходните влади во Букурешт во 2008.

Истовремено лидерот на партијата Река, Ставрос Теодоракис, го повтори неговиот став за сложено име, на македонски јазик, но во форма на еден слеан збор. Тој вели дека во целото прашање, за нив особено важни точки се учебниците и македонскиот Устав. Со слична позиција за име со еден или два збора, говореше и шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас во интервју за ЕРТ во понеделникот вечерта.