Кавадарци ќе добие нов зелен пазар

Кавадарци ќе добие нов зелен пазар. Додека трае реконструкцијата на стариот, во централното градско подрачје ќе се користи локација во новиот центар на градот.

– Тука, на новата локација, имаме пазар со капацитет од четириесетина тезги за продавање секојдневна стока од земјоделството, овоштарството и имаме обезбедено дваесетина паркинг места. Овој пазар од среда ќе работи паралелно со секогашниот градски зелен пазар. Издавањето на тезгите ќе биде со пониски цени со одлука на Совет или одлука на ЈП „Комуналец”, рече градоначалникот Митко Јанчев.

Така ќе биде се до почетокот на реконструкцијата на постоечкиот зелен пазар, тогаш ќе функционира само овој пазар.

-Кога ќе биде реконструиран стариот, ќе го задржиме и овој пазар и ќе имаме два. Знаете дека ова тука е новиот дел од градот, густо население, претежно станбено колективно живеење, млади луѓе. Мислам дека ќе биде од корист оваа локација што претходно беше напуштена, сега е урбанизирана и во функција на граѓаните, додаде Јанчев.

Реконструкцијата на стариот пазар треба да почне во февруари, а кога точно, ќе зависи од донесувањето на деталниот урбанистички план.

– ДУП-от е веќе во Министерство, немаат некои поголеми забелешки, очекуваме или до крај на година, најкасно до 15 јануари да биде одобрен. Штом го одобрат, веднаш го порачуваме основниот проект што треба отприлика за 30 дена да го завршат. Физибилити студија  имаме направено, проектна задача направена, отприлика нашите пресметки  се дека ќе кошта околу седумдесет милиони денари паркингот и пазарот, информира градоначалникот.

Според него, реконструкцијата не би требало да биде подолго од година, до година и пол.

Јанчев најави нов градски пазар во модерен стил, со затворен дел за пазарење, со одвоен дел во делот на млечни производи, зеленчук, овошје и така натаму, плус простор за паркирање.

Директорот на „Комуналец”, Ѓорѓи Поп Ицов соопшти дека продолжува инвестицијата на општина Кавадарци во соработка со комуналното претпријатие. Изнајмувањето на тезгите ќе биде 20 до 30 проценти поевтино за разлика од досегашните цени.

-Уште една новина е тоа што ќе има одредена локација за продажба и трговија на овошје и зеленчук на големо. Тоа е првичната замисла. Во наредните неколку денови ќе почнеме со покривање на тезгите и со монтирање времен објект за простор за вработените на пазарот, рече Поп Ицов.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *