Професоре Димитров, Скопје секоја зима има проблем со зголемената концентрација на ПМ 10 честичките во воздухот. Кој, според вас, е главниот причинител на загадувањето?
– Индустријата, греењето и сообраќајот се главни предизвикувачи на зголемената концентрација на ПМ 10 честичките во воздухот. Ние во Скопје воопшто немаме проблем со јаглен двооксид, туку со други штетни емисии што не трујат. За нивно појавување придонесува индивидуалното греење по домаќинствата со користење на дрва, јаглен или некои други секундарни суровини што ќе им дојдат во рака на посиромашните граѓани, кои во воздухот емитуваат и канцерогени честички. За тоа главна причина е емисијата од ниските оџаци од куќите што најчесто се со еден или два ката до максимум три. Затоа чадот паѓа веднаш надоле, а кога има инверзија климатските услови прават чадот воопшто да не може да се дигне, туку се враќа назад.
Друг голем загадувач се возилата. Во Скопје од источна Македонија секој ден влегуваат околу 10.000 возила, а од западна 20 до 30 илјади возила. Тоа значи дека има дополнителни 30 до 40 илјади возила на регистрираните околу 200.000 возила во Скопје што загадуваат.
Имаме и индустрија која е делумно контролирана, како и мали погони што воопшто не се под контрола, бидејќи нема доволно луѓе за тоа да го прават, а и властите не се заинтересирани да ги фатат. Тие придонесуваат значајно за загадувањето, бидејќи не може сите да се контролираат дали горат старо масло што го испуштаат од автомобилите или парчиња стара автомобилска гума кои значително загреваат. Тоа се главните елементи што го прават локалното загадување.
Дали и депонијата Дрисла придонесува за загадувањето во Скопје?
– Дрисла иако се споменува деновиве како главен загадувач заради палењето медицински отпад, според мене, не може да биде причина за загадување, бидејќи е далеку и тоа што го согорува се релативно мали количини. Таму станува збор за обична печка во која на решетка се спалува медицинскиот отпад и има низок оџак, така што се што исфрла надвор се собира во близина, а и Водно е како заштита бидејќи депонијата се наоѓа од другата страна од планината. Воедно, тоа што го согоруваат е органски материјал што соддржи тешки материјали од лекарства, па дури и органи од операција поради што е опасен. Затоа е неопходно да се стават потребните филтри на печката.
Во другите бивши ЈУ републики се направени печки за третман на отпад што со висока температура ги разложуваат отпадот и имаат шест комори за различни делови и прават компост од цврстиот отпад. Вакво нешто треба да се направи и во Дрисла и опасниот отпад да се преработи и како нуспроизвод да се користи дури и за производство на овошје и храна по примерот на депонијата Плесо во Хрватска.
Дали субвенционирањето на 70 отсто од вредноста на печката на пелети, но не повеќе од 30.000 денари, за домаќинствата кои не се приклучени на централно греење во Скопје може да придонесе за намалување на загадувањето на градот?
– Печките на пелети согоруваат дрво и составот на она што се согорува како цепаница и на пелетите е потполно ист, што значи дека пелетите речиси исто загадуваат со огревното дрво. Кај печките на пелети има за десет пати помала емисија на цврсти честички во споредба со согорувањето на цепаници во обична печка, но отровните делови се исти.
Процесот на горење подразбира директна трансформација на јагленикот кој оксидира или согорува со кислородот и од јагленик Ц се добива продукт ЦО2. При тој процес се ослободува топлинска енергија. И во пелетот и во дрвото Ц се претвора во ЦО2. Ц се содржи во целулозата и во другите составни делови што го формираат како дрво, а има и минерали и други состојки кои се во дрвената маса кои при согорувањето се ослободуваат и излегуваат преку чадот. Согорувањето со подобра контрола какво што имаат печките на пелети овозможува помала емисија на пепел и на честичките, но не може да ги елиминира сите отровни и штетни материи кои ги содржи дрвото да се емитираат во воздухот. Токму тие се оние материи кои се канцерогени, како што се повисоко организираните јагленохидрати, битуоли, како и сите тешки метали од дрвото. Тие во иста количина одат во атмосферата и од килограм дрво и од килограм пелети.
Кое, според вас, е еколошки најприфатливо греење?
– Еколошки најприфатливо е греењето кое воопшто не загадува. Секое користење на електрична енергија за греење е еколошки веројатно најчисто, бидејќи локално не загадува. Точно е дека има загадување од термоцентралите при нејзиното производство, но во градските средини, каде граѓаните се греат на струја нема никакво загадување. При производството во термоцентралите оџаците се многу високи, а се користат и некои квалитетни филтри така што честичките кои се исфрлаат заради нивната температура се качуваат уште повисоко. При емисија на гасови од високи оџаци, имисијата се доведува во нормални и дозволени граници, а честичките се расејуваат на голема површина со што се намалува нивниот број по метар кубен.
Како може да се намали загадувањето?
– Загадувањето во урбаните средини може да се намали со смалување на потрошувачката на енергија преку воведување мерки за енергетска ефикасност што подразбира добро изолирани домови и купување на возила што трошат многу помалку гориво и исполнуваат повисоки еколошки стандарди. Воведувањето на мерките за енергетска ефикасност драматично ја намалуваат емисијата на штетни материи преку намалување на потрошувачката на гориво.
Втор начин е да се користат обновливи извори на енергија (ОИЕ) за производство на струја. ОИЕ, освен дрвото ни овозможуваат да произведеме чиста електрична енергија која може да се користи за затоплување на домовите без ни грам да загадиме локално ни глобално.
Трет начин е во урбани концентрирани градски средини како Скопје, Битола, Тетово и Гостивар да има централно греење кое овозможува значително подобрени еколошки услови, како и паралелна гасификација за останатите градови. Овие два система не се спротивставени, туку се паралелни, бидејќи на одредени места каде што нема економска логика да биде направена топлификацијата, гасификацијата се уште има потенцијал да биде изградена и да помогне во справувањето со загадувањето.
Колкави заштеди можат да се постигнат со зголемување на енергетската ефикасност и дали тоа може да придонесе за значајно намалување на загадувањето?
– Стратегија за енергетска ефикасност, кога беше правена во 2010 – 2011 година, предвидуваше со имплементација на мерките за енергетска ефикасност за 10 години да се намали потрошувачката на енергија за околу девет проценти. Ако правилно се спроведеа одредбите од Стратегијата заштедата на вкупната енергија ќе изнесуваше колку годишното производство на струја во два блока на РЕК Битола. Тоа, пак, значи значајно помала емисија на штетни гасови во атмосферата.