Во беровско Русиново се одржа традиционалниот марш во чест на Даме Груев

Со одржување на традиционалниот марш до Петлец во беровско Русиново денеска се величаше ликот и делото на Даме Груев. Маршот, како што информираше претседателот на месната заедница Кирил Калпачки претставува традиција повеќе од половина век.

– Чествувањето започна со посета на гробното место на Даме Груев. Потоа делегации од општината, здруженија на граѓани и политички партии положија свежо цвеќе пред споменикот на Даме Груев во центарот на село Русиново, по што следуваше традиционалниот марш до местото на загинување на Петлец кој заврши со заеднички ручек на присутните, во основното училиште „Никола Петров Русински“, истакна Калпачки.
Освен Даме Груев на Петлец како што информираат мештаните загинале и револуционерите Атанас Карчев и Сандо Китанов.
– Според тоа што го знаеме од нашите предци, на 19 декември тие се ранети во село Русиново. На излезот од селото, убиен е Сандо Китанов, додека Атанас Карчев и Даме Груев, на истото место се само ранети, понатаму водат жестока борба на Петлец, за подоцна во заседа на планината Петлец, да бидат и убиени, раскажува жител на село Русиново.
Водејќи се од неговата надалеку позната мисла ,,Подобро ужасен крај, отколку ужас без крај”, Даме Груев е запишан во македонската историја, како еден од најголемите македонски револуционери и еден од најистакнатите членови на Македонската револуционерна организација.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *