Со почит и свежи цвеќиња, Прилеп денеска ја одбележа 98-годишнината од раѓањето на Блаже Конески, основоположникот на македонскиот стандарден литературен јазик, граматичарот, раскажувачот Блаже Конески пред неговиот споменик во центарот на градот, на платото пред Центарот за култура „Марко Цепенков“.
Свежи цвеќиња положија делегации на прилепската локална самоуправа предводени од градоначалникот Илија Јованоски и од претседателот на општинскиот совет, Миле Талевски, како и претставници на основното училиште од градот, кое го носи името на кодификаторот на современиот македонски јазик.
Претпладнето, учениците и вработените од основното училиште „Блаже Конески“ ја посетија родата куќа на Конески во селото Небрегово каде имаа литературно читање.
Блаже Конески е роден на 19 декември 1921 година во Небрегово, а почина на 7 декември 1993 година. Тој е истакнат македонски книжевен, културен и јавен работник, академик – прв претседател на Македонската акадамија на науките и уметностите (МАНУ), поет, прозаист, есеист, литературен историчар, филолог и јазичар, преведувач и професор на Филолошкиот факултет во Скопје кој денес го носи неговото име.