Муижниекс:Македонските власти треба да спроведат политики што поттикнуваат интеграција

Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Нилс Муижниекс, денеска на прес-конференција истакна дека македонските власти треба да спроведат политики што поттикнуваат интеграција и разбирање меѓу етничките заедници и да промовираат социјална кохезија, истовремено штитејќи ја разновидноста.

Муижниекс, кој е во петдневна посета на Македонија, кажа дека Охридскиот рамковен договор ставил крај на конфликтот во 2001 година и довел до промени во одредени области како правичната застапеност на заедниците, децентрализацијата и употребата на јазиците, но оти сепак социјална кохезија не е постигната.

– Македонското општество останува длабоко поделено по етнички и јазични основи и крајно време е политичките лидери да осмислат стратегија за интеграција за надминување на овие поделби, смета комесарот за човекови права.

Децата во Македонија, според него, доцна почнуваат да ги учат јазиците на другите заедници. На пример, посочи тој, албанските деца македонскиот јазик започнуваат да го учат дури во четврто одделение, додека доколку некое од децата Македонци сака да го изучува албанскиот јазик тоа ќе може да го направи од шесто одделение.

Муижниекс одговарајќи на прашање во врска со законот за употреба на јазиците со кој се унапредува употребата на албанскиот јазик, кажа дека слушнал многу различни оценки за овој текст и дека во моментов тој претставува клучна поделба меѓу Македонците и Албанците.

Во очекување сум на мислењето на Венецијанската комисија, вели тој, но таа дава оценка на уставноста на законот, а нема да ја оценува социјалната кохезија и инклузивноста.

Комесарот за човекови права на Советот на Европа рече дека не ги посетил притворените поврзани со настаните и насилствата од 27 април во Парламентот. Кажа дека други лица од Советот на Европа ги посетиле и оти условите во притворот се лоши. Ова прашање било покренато во Парламентот каде било посочено на заклучоците на Народниот правобранител во однос на следењето на процедурите. Тој посочи дека мерката притвор не треба да се користи како казна, туку само доколку постои некаква опасност.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *