Потребен е политички дијалог за надминување на разликите во однос на клучните процеси во државата, а за негово воспоставување потребна е волја од владејачкото мнозинство, истакнал лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на средбата со европратениците од групата на Прогресивна алијанса на социјалистите и демократите во Европскиот Парламент, Виктор Боштинару, Тања Фајон и Тонино Пицула.
На средбата, како што се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ, се разговарало за актуелните општествено-политички состојби и стратешки приоритети на Република Македонија за членство во Европска Унија и НАТО.
Мицкоски истакнал дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да го поддржи секое решение и реформски процес за кое ќе оцени дека е во интерес на државата и јакнење на демократски процеси, доколку е во интерес на сите граѓани на Република Македонија.
На средбата, според соопштението, Мицкоски истакнал дека актуелната власт спроведува политички прогон врз граѓаните, како и врз пратениците од неговата партија. Според Мицкоски, ваквиот чин ја уназадува државата и го отежнува демократскиот процес.
Пред европратениците тој искажал, како што стои, голема загриженост за економската клима и состојба во Република Македонија.