Поради неисплатени плати и придонеси работници на кои им се истечени договорите за работа во текстилната фабрика „Веибо груп“ втор ден протестираат пред производствениот погон на влезот во Крива Паланка со блокада на магистралниот пат Куманово-Крива Паланка-граничен премин Деве Баир.
Раководството на „Веибо груп“ соопшти дека прави напори за исплата на платите на вработените, чие доцнење, како што тврди, е само во последните месеци, и истовремено апелира кризата во фабриката да не се користи од политичките субјекти за меѓусебна пресметка и добивање поени.
– Во неполни четири години присуство на „Веибо Груп“ во Македонија, првпат доцни исплатата на плати или не можеме да ги исплатиме. Појаснуваме дека на ниту еден работник не му е прекинат договорот, туку договорите кои се склучени на определено време истекуваат. Се надеваме дека ќе наидеме на разбирање кај работниците за целокупната ситуација и оти без дополнителни трошоци ќе и се остави време на компанијата да го исплати сето она што им го должи, велат од „Веибо Груп“ во соопштението испратено до редакцијата на МИА.
Според „Веибо Груп“, договорите со работниците не се продолжени поради неможноста да се обезбеди доволно работа за наредните пет месеци, а поради избегнување поголеми долгови кои би довеле до стечај одлучено било да се превземе ваков чекор.
– „Веибо Груп“ дојде во Република Македонија за да инвестира, но по стопирањето на активностите во ТИРЗ Ранковце, нашата компанија беше на удар од сите страни, од една страна обвинувана за поврзаност со одредена политичка партија и со непроверени информации угледот ни беше нарушен што влијаеше на соработката со нашите клиенти, а од друга страна, истата политичка партија со која упорно се обидуваат да не поврзат, додека беше на власт одлучи да не ја признава реалноста со која се соочивме и да не држи во договор кој нема реални можности да биде остварлив, посочуваат од „Веибо Груп“.
Велат дека во целокупниот период на работење биле на удар на јавноста и оти за неполни четири години во Македонија вложиле преку 9.000.000 евра, но дека досега немаат добиено ниту едно евро државна помош, ниту пак други средства од страна на Република Македонија. Фабриката, тврди раководството, меѓу останатото, се соочувало со апсурдни казни кои дополнително го отежнувале работењето.
Поради протетсот на работниците од „Веибо Груп“ на кои им се истечени договорите за работа, а компанијата им должи две плати, придонеси и здравствено осигурување, вчера три часа беше блокиран магистралнито пат А2, Куманово-Крива Паланка-граничен премин Деве Баир.
На протестот вчера работниците ги поcети и градоначалникoт на Крива Паланка Борјчано Мицевски, кој рече дека фирмата покрај останатото, воопшто не е евидентирана како даночен обврзник по основ на данок на имот и во изминатите три години не и биле издавани решенија за данок на имот.