Евентуалното повторно одложување напролет на одлуката за почеток на преговорите за членство на С. Македонија и Албанија во ЕУ би бил многу сериозен удар. Повторувањето на стратегиската грешка од октомври би можело да има многу длабоки, непредвидливи, а можеби и непоправливи последици, оценува претседателот Стево Пендаровски во интервју за германски „Шпигел“.
Пендаровски потсетува дека одложувањето на одлуката за старт на преговорите во октомври била голем шок за С. Македонија, но и за многу други.
– Иако францускиот претседател Емануел Макрон кажа дека се потребни реформи на процесот на проширување на ЕУ, сите се надеваа дека нема да биде блокиран стартот на преговорите со С. Македонија и Албанија. Тоа беше големо разочарување за нашите граѓани, за нашата Влада и лично за мене. На крајот на краиштата ние ги направивме сите потребни реформи и договори, и најмногу од се направивме нешто што е уникатно во модерната светска историја – за да го решиме проблемот со Грција што не блокираше, го сменивме името на државата од Македонија во С. Македонија, изјави Пендаровски.
Тој посочува дека и многу водечки политичари во ЕУ потврдиле дека е направена стратегиска грешка и оти Унијата не може да биде релевантен геоплитички играч ако не го интегрира Западен Балкан.
Пендаровски вели дека добил уверување од Макрон оти проблемот не е во С. Македонија, туку во ЕУ на која и се потребни реформи во однос на преговарачкиот процес, но, нагласува, ние стравуваме дека можеме да станеме втора Турција која со години е заглавена како постојан кандидат за членство.
Шефот на државата истакнува дека Скопје нема ништо против реформи во преговарачкиот процес и е подготвено да ги спроведе неопходните реформи, а го прифаќа и предложениот модел на ревизрибилност, но очекува евентуалните реформи на процесот на пристапување да бидат направени брзо и без натамошни одложувања.
За С. Македонија, нагласува Пендаровски, е неприфатлива каква било друга алтернатива освен полноправно членство во ЕУ.
Предупредува дека дистанцирањето на ЕУ од Западниот Балкан може да отвори простор за други играчи и да влијае негативно на реформите во земјите од регионот.
– Тие може да кажат дека Македонците ги исполнија сите услови, го сменија нивното име, а не добија ништо. Тогаш зошто ние да правиме сериозни напори и реформи? Тоа особено се однесува на проблемот на Србија и Косово, изјави Пендаровски.
Прашан дали евентуалниот вакуум може да го искористат Русија, Турција и Кина, тој наведува дека не сака да именува ниедна држава, но оти има центри на моќ кои не се задоволни од проширувањето на НАТО и ЕУ.
– Во тој контекст земјите во регионот се често цел на лажни вести, дезинформации или кампањи со цел нивна дестабилизација, изјави претседателот Стево Пендаровски во интервју за „Шпигел“.