Премиерот Заев на отворање на производствениот капацитет за преработка на месо „Подгорка“ во Струга

Премиерот Зоран Заев, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, директорот на Платежната агенција Николче Бабовски и претставници од ЕУ денеска во Струга ја отворија фабриката на „Подгорка“ изградена со помош на европски финансиски средства.

Премиерот Заев во обраќањето пред присутните на свеченоста истакна дека овој проект е пример за европеизација на „Подгорка“, дел од европеизацијата на Струга, дел од европеизацијата на Република Северна Македонија. Тој изрази увереност дека брендот на компанијата „Подгорка“„ наскоро ќе биде препознатлив знак за квалитетни преработки од месо, за кои постои голема побарувачка.

-Бинзис идејата и моделот на оваа иницијатива беа високо оценети и како резултат на тоа таа сосема заслужено доби највисока финансиска поддршка од мерката 3 на ИПАРД 2 програмата, односно 2,07 милиони евра. Станува збор за домашна компанија што отвори нови работни места, со нова додадена вредност во нашата економија, рече Заев повикувајќи ги и другите бизнисмени да влегуваат во нови инвестиции, со Владата и институциите како партнери на создавање поволни услови за раст и развој.

Премиерот истакна дека поголемиот дел од производите на „Подгорка“ ќе бидат извозно ориентирани и тоа најмногу во соседна Албанија.

-Големи усилби вложуваме во унапредувањето на регионалната соработка. Создаваме услови за 24-часовно работење на границите, со царински контроли на една точка и меѓусебно признавање на фитосанитарните контроли на производите низ регионот. Се работи на пуштањето на системот „Оне стоп шоп“ на границата на Ќафасан, со што ќе се обезбеди брз транспорт на производите од регионот, за да стигнат на пазарите во оптимално време, за што ќе помогнат и брзите ленти на границите за компаниите, рече Заев.

За самата фабрика на „Подгорка“ истакна дека максимално ги користи локалните ресурси и обновливите извори на енергија, со вклучување на модерните трендови за енергетска ефикасност и независност со инвестиција во фотоволтаична опрема за енергија и сопствени бунари за снабдување со вода.

-Оваа и сите слични и храбри бизнис-иницијативи се од огромно значење и за задржување на младите луѓе кои поддржани со мерките на Владата ќе ги охрабрат да веруваат во својата иднина тука, рече Заев.

Производствениот капацитет на „Подгорка“ во Струга е вреден 4,4 милиони евра. Половина од средствата на инвестицијата се вратени на инвеститорот, и тоа 1,6 милиони евра од европските фондови додека 560 илјади евра се средства од националното кофинансирање. Компанијата веќе има 55 вработени, со проекции за проширување на капацитетите во наредниот период. Тоа е најголемиот проект во земјата реализиран со поддршка на претпристапните фондови на ЕУ

Министерот за земјоделство Димковски истакна дека инвестициите во преработувачките капацитети се важни не само за модернизирање на земјоделството, туку и за развој на вкупната економија и за зголемување на извозот на домашните производи. Тој ги повика стопанствениците да ги користат европските фондови, да влегуваат во нови инвестиции, нагласувајќи дека Владата и Министерството ќе бидат нивен партнер во целиот процес преку создавање поволни услови за развој.

-Се цел поголема искористеност на ИПАРД, со измените на законите воведовме мерка претфинансирање каде сопственото учество на инвеститорот се покрива од националниот буџет така што корисникот ги добива парите однапред да вложи и да инвестира, а средствата да ги враќа без камата. Истото ќе биде утвредено со договорот за кофинансирање на оваа финансиска помош. На овој начин очекуваме уште поголем интерес за инвестирање и за аплицирање за добивање средства од ИПАРД фондовите, како шанса за модернизирање на постојните или отварање нови производствени капацитети, рече Димковски.

Тој најави дека после новогодишните празници ќе биде објавен повикот за инвестиции во материјални средства за земјоделски стопанства, мерка за модернизирање на домашните фарми и малите бизниси.

Преку објавените повици од ИПАРД 2 програмата во земјата се склучени 1355 договори по сите мерки, со вкупна вредност од 31,5 милиони евра. До овој момент земјава има искористено и ставено на распологање во економијата 39,5 отсто од вкупно расположивите средства од таа програма. Исплатени се 814 договори во вредност од 13,4 милиони евра.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *