Лидерот на партијата Река, Ставрос Теодоракис, одново го повтори неговиот став за сложено име, на македонски јазик, но во форма на еден слеан збор. Тој вели дека во целото прашање, за нив особено важни точки се учебниците и македонскиот Устав.
– И по средбата со премиерот реков дека едно име на словенски дијалект, еден збор, веројатно би било најдоброто решение. Но, она што е важно е комплетното решение. Не е само името. Туку и обврзувањата што треба да се направат за сите отворени прашања како што се учебниците на кои им даваме големо значење и за Уставот, вели Теодоракис и потенцира дека неговата партија не е со владата, со СИРИЗА и Независни Грци, туку е со татковината и за тоа се борат.
Неговиот став за сложено име, без превод, во форма на еден збор, го изрази минатата сабота по средбата со грчкиот премиер Алексис Ципрас. Со слична позиција, јавува дописникот на МИА од Атина, за име со еден или два збора, говореше и шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас во интервјуто за ЕРТ во понеделникот вечерта