Потпишан Протокол за Конвенцијата за заштита на лица во однос на автоматска обработка на лични податоци

Дескоска на средба со генералниот секретар на Советот на Европа: Потпишан Протокол за Конвенцијата за заштита на лица во однос на автоматска обработка на лични податоци

Во текот на вчерашниот ден, во Стразбур, министерката за правда проф. д-р Рената Дескоска оствари официјална средба со генералниот секретар на Советот на Европа, г. Марија Пејчиновиќ Буриќ.

На средбата, министерката за правда во име на Владата на Република Северна Македонија, го потпиша Протоколот за измена на Конвенцијата за заштита на лица во однос на автоматска обработка на лични податоци (CETS бр.223).

Потпишувањето е историски момент за Северна Македонија, бидејќи за прв пат се потпишува конвенција во Советот на Европа под новото име, директно, без размена на писма.

Република Северна Македонија е 37 земја потписничка на протоколот со кој се врши модернизација на Конвенцијата за заштита на лица во однос на автоматска обработка на лични податоци (ETS 108) и на Дополнителниот Протокол кон Конвенцијата за заштита на поединците во поглед на автоматска обработка на лични податоци, во врска со надзорните тела и прекуграничниот пренос на податоци (ETS No.181), како и зајакнување на нивната примена.

Со модернизацијата на Конвенцијата 108 од 1981 година, нејзините оригинални принципи беа реафирмирани, некои се зајакнати, но утврдени се и нови заштитни мерки: Тие треба да се применуваат на новaта реалност на он-лајн светот, а новите практики доведоа до признавање на нови принципи во областа. Принципите на транспарентност, пропорционалност, одговорност, минимизирање на податоците, приватност по дизајн, итн., сега се признати како клучни елементи на механизмот за заштита и се интегрирани во модернизираниот инструмент.

Имајќи ги во предвид новите предизвици за заштитата на лицата во однос на обработката на личните податоци, како и фактот дека целта на модернизацијата која се врши со Протоколот е што подобро да се реагира на предизвиците во областа на приватноста кои произлегуваат од зголемената употреба на новите информациско/информатички технологии и глобализацијата во однос на обработката на личните податоци, се оцени дека е целисходно и од интерес за Република Северна Македонија да се пристапи кон потпишувањето на Протоколот за измена на Конвенцијата за заштита на лица во однос на автоматска обработка на лични податоци (CETS 223).

Серија договори на Советот на Европа – Бр. 223

Протокол за измена на Конвенцијата за заштита на лица во однос на автоматска обработка на лични податоци

Стразбур, 10.X.2018

__________________________________________________________________________________

Преамбула

Земјите членки на Советот на Европа и другите страни на Конвенцијата за заштита на лица во однос на автоматската обработка на личните податоци (ЕТС бр. 108), отворена за потпис во Стразбур на 28 јануари 1981 година (во понатамошниот текст „Конвенцијата“),

Имајќи ја предвид Резолуцијата бр. 3 за заштита на лични податоци и приватност во третиот милениум усвоена на 30-тата Конференција на министри за правда на Советот на Европа (Истанбул, Турција, 24-26 ноември 2010);

Имајќи го предвид Резолуцијата 1843 (2011) на Парламентарното собрание на Советот на Европа за заштита на приватноста и личните податоци на интернет и онлајн медиумите и Резолуцијата 1986 (2014) за подобрување на заштитата на корисниците и безбедноста во сајбер просторот;

Имајќи го предвид Мислењето 296 (2017) за нацрт-протоколот за изменување на Конвенцијата за заштита на лица во однос на автоматската обработка на личните податоци (ЕТС бр. 108) и нејзиниот објаснувачки меморандум, усвоен од страна на Постојниот комитет во име на Парламентарното собрание на Советот на Европа на 24 ноември 2017 година;

Со оглед на тоа дека се појавија нови предизвици за заштитата на лицата во однос на обработката на личните податоци откако Конвенцијата беше усвоена;

Со оглед на тоа дека потребата да се обезбеди дека Конвенцијата продолжува да ја игра својата истакната улога во заштитата на лицата во однос на обработката на личните податоци и поопшто, во заштитата на човековите права и основните слободи,

Се согласија како што следува:

Член 1

1         Првото образложение од преамбулата на Конвенцијата се заменува со следното:

 

„Земјите членки на Советот на Европа и другите потписници,”

 

2         Третото образложение на преамбулата на Конвенцијата се заменува со следното:

 

„Со оглед на тоа дека е неопходно да се обезбеди човековото достоинство и заштита на човековите права и основните слободи на секој поединец и имајќи ја предвид разновидноста, зголемувањето и глобализацијата на обработката на личните податоци и протокот на лични податоци, личната автономија врз основа на правото на лицето да ги контролира неговите или нејзините лични податоци и обработката на таквите податоци;”

 

3         Четвртото образложение на преамбулата на Конвенцијата се заменува со следното:

 

„Потсетувајќи дека правото на заштита на личните податоци треба да се разгледува во однос на неговата улога во општеството и дека мора да се помири со другите човекови права и основни слободи, вклучувајќи ја и слободата на изразување;“

 

4         По четвртото образложение на преамбулата на Конвенцијата се додава следното образложение:

 

„Со оглед на тоа дека оваа конвенција дозволува да се води сметка, при спроведувањето на правилата утврдени во истата, за принципот на правото на пристап до официјални документи;“

 

5         Петтото образложение на преамбулата на Конвенцијата се брише. Се додаваат ново петто и шесто образложение, кои гласат како што следува:

 

„Признавајќи дека е потребно да се промовираат на глобално ниво основните вредности на почитувањето на приватноста и заштитата на личните податоци, со што се придонесува кон слободниот проток на информации меѓу луѓето;“

 

„Признавајќи го интересот за зајакнување на меѓународната соработка помеѓу страните на Конвенцијата,“

Член 2

Текстот на член 1 од Конвенцијата се заменува со следното:

„Целта на оваа конвенција е да го заштити секое лице, независно од неговата или нејзината националност или живеалиште, во однос на обработката на нивните лични податоци, а со тоа придонесува за почитување на неговите или нејзините човекови права и основни слободи, особено правото на приватност.“

Член 3

1         Потставот б од член 2 на Конвенцијата се заменува со следното:

„б   ‘обработка на податоци’ е секоја операција или збир на операции извршени врз лични податоци, како што се собирање, складирање, чување, менување, враќање, откривање, ставање на располагање, бришење или уништување или извршување на логички и/или аритметички операции на тие податоци;“

2         Потстав в од член 2 од Конвенцијата се заменува со следното:

„в    каде што не се користи автоматизирана обработка, ‘обработка на лични податоци’ e операција или збир на операции извршени врз лични податоци во рамките на структуриран збир на такви податоци кои се достапни или можат да се вратат според конкретни критериуми;“

 

3         Потстав г од член 2 од Конвенцијата се заменува со следното:

„г    ‘контролор’ е физичко или правно лице, јавен орган, служба, агенција или друго тело кое, самостојно или заедно со други, има овластување за донесување на одлуки во однос на обработката на личните податоци;“

 

4         Следните нови потставови се додаваат по потставот г од член 2 од Конвенцијата:

„д   ‘корисник’ е физичко или правно лице, јавен орган, служба, агенција или друго тело на кое му се откриваат или му се прават достапни податоците;

ѓ      ‘обработувач’ е физичко или правно лице, јавен орган, служба, агенција или друго тело кое обработува лични податоци во име на контролорот.“

Член 4

1         Став 1 од член 3 на Конвенцијата се заменува со следното

 

“1            Секоја страна се обврзува да ја применува оваа конвенција на обработката на личните податоци што е предмет на нејзина надлежност во јавниот и приватниот сектор, на тој начин обезбедувајќи го правото на секое лице на заштита на неговите или нејзините лични податоци“.

 

2         Став 2 од член 3 на Конвенцијата се заменува со следното:

„2            Оваа конвенција нема да се применува на обработка на лични податоци што се врши од страна на физички лица исклучиво заради лични активности или активности во домот.“

 

3         Ставовите 3 до 6 од член 3 на Конвенцијата се бришат.

Член 5

Насловот на поглавје II од Конвенцијата се заменува со следното:

„Поглавје II – Основни принципи за заштита на личните податоци“.

Член 6

1         Став 1 од член 4 од Конвенцијата се заменува со следното:

“1          Секоја страна ги презема неопходните мерки од законот за да ги спроведе одредбите од оваа конвенција и за да обезбеди нивна ефективна примена.“

2         Став 2 од член 4 на Конвенцијата се заменува со следното:

 

„2          Овие мерки ги презема секоја од страните и истите влегуваат во сила во моментот на ратификација или пристапување кон оваа конвенција”.

 

3         Се додава нов став по став 2 од член 4 од Конвенцијата:

„3          Секоја страна се обврзува:

а        да му дозволи на Комитетот на конвенцијата предвиден во Поглавје VI да ја оцени ефективноста на мерките што ги презела со закон со цел да ги спроведе одредбите од оваа конвенција; и

б       активно да придонесе за овој процес на евалуација.“

Член 7

1         Насловот на член 5 се заменува со следното:

 

„Член 5 – Легитимност на обработката на личните податоци и квалитетот на податоците“.

 

2         Текстот на членот 5 од Конвенцијата се заменува со следното:

“1            Обработката на податоците е пропорционална во однос на легитимната цел што се следи и во сите фази од обработката се одразува праведна рамнотежа помеѓу сите засегнати интереси, јавни или приватни и засегнатите права и слободи.

2              Секоја страна предвидува дека обработката на личните податоци се врши врз основа на слободна, специфична, информирана и недвосмислена согласност на субјектот на лични податоци или на некоја друга легитимна основа утврдена со закон.

3              Личните податоци што се подложени на обработка се обработуваат законски.

4              Личните податоци што се подложени на обработка:

“а    се обработуваат правично и на транспарентен начин;

“б   се собираат за конкретни, јасни и со закон утврдени цели и не се обработуваат на начин кој не е во согласност со тие цели.; натамошната обработка за цели на архивирање од јавен интерес, научни или историски истражувачки цели или статистички цели, се смета дека е во согласност со првичните цели за собирање на податоците доколку се преземени соодветни заштитни мерки;

“в    се соодветни, релевантни и непрекумерни во однос на целите за кои се обработени;

“г    се точни и каде што е потребно, ажурирани;

д   се чувани во форма што овозможува идентификација на субјектот на лични податоци, не подолго од она што е потребно за да се исполнат целите поради кои податоците се обработуваат.“

Член 8

Текстот на членот 6 од Конвенцијата се заменува со следното:

1                     Обработката на:

 

–          генетски податоци;

 

–          лични податоци што се однесуваат на кривични дела, кривични постапки и изречени казни и поврзани мерки на безбедност;

 

–          биометриски податоци преку кои се потврдува единствената идентификација на лицето;

 

–          лични податоци кои откриваат расно или етничко потекло, политички ставови, членство во синдикални организации, верски или други убедувања, податоци што се однесуваат на здравјето или податоци за сексуалниот живот;

е дозволена доколку соодветни мерки за заштита се предвидени со закон, кои ги дополнуваат мерките од оваа конвенција.

2                     Таквите мерки на заштита заштитуваат од ризиците што обработката на чувствителни податоци може да ги создаде во однос на интересите, правата и основните слободи на субјектот на лични податоци, особено ризикот од дискриминација.“

Член 9

Текстот на член 7 од Конвенцијата се заменува со следното:

“1            Секоја страна обезбедува дека контролорот и каде што е применливо и обработувачот, ќе преземат соодветни безбедносни мерки против ризици како што се случаен или неовластен пристап, уништување, губење, употреба, измена или откривање на лични податоци.

2              Секоја страна обезбедува дека контролорот ќе го извести, без одложување, барем надлежниот надзорен орган во смисла на член 15 од оваа конвенција, за оние нарушувања на безбедноста на личните податоци кои можат сериозно да влијаат на правата и основните слободи на субјектите на лични податоци.“

Член 10

По член 7 од Конвенцијата се додава нов член 8, како што следува:

„Член 8 – Транспарентност на обработката

1         Секоја страна предвидува дека контролорот ги информира субјектите на лични податоци за:

а      неговиот или нејзиниот идентитет и постојаното живеалиште или седиште;

б     правната основа и целите на планираната обработка;

в      категориите на обработените лични податоци;

г      корисниците или категориите на корисници на лични податоци, доколку ги има; и

д     средствата за остварување на правата утврдени во член 9,

како и сите неопходни дополнителни информации со цел да се обезбеди праведна и транспарентна обработка на личните податоци.

2         Став 1 не се применува кога субјектот на лични податоци веќе ги има релевантните информации.

3         Кога личните податоци не се собираат од субјектите на лични податоци, од контролорот не се бара да ги достави таквите информации кога обработката е експлицитно пропишана со закон или ова се докажува како невозможно или вклучува непропорционални напори.“

Член 11

1         Поранешниот член 8 од Конвенцијата ќе биде пренумериран во член 9, а насловот се заменува со следното:

„Член 9 – Права на субјектот на лични податоци“.

 

2         Текстот на член 8 од Конвенцијата (нов член 9) се заменува со следното:

„1    Секое физичко лице има право:

а        да не биде предмет на одлука која има значително влијание врз него или неа, а која е исклучиво врз основа на автоматизирана обработка на лични податоци без да се земат предвид неговите или нејзините ставови;

 

б         да добие со барање, во разумни временски интервали и без прекумерно одложување или трошок, потврда за обработката на лични податоци кои се однесуваат на него или неа, комуникација во разбирлива форма за обработените лични податоци, сите достапни информации за нивното потекло, за рокот на чување како и сите други информации што треба да ги обезбеди контролорот за да се осигура транспарентност на обработката во согласност со член 8, став 1;

 

в          да добие со барање, сознание за причините за обработката на личните податоци, каде што резултатите од таквата обработка имаат влијание врз него или неа;

 

г          на приговор, во секое време, врз основа на конкретната ситуација поврзана со него или неа, на обработката на лични податоци кои се однесуваат на него или неа, освен ако контролорот не покаже легитимни основи за обработка која ги занемарува неговите или нејзините интереси или права и основни слободи;

 

д         да добие со барање, бесплатно и без преголемо задоцнување, исправување или бришење, во зависност од случајот, на таквите податоци ако тие се обработуваат или биле обработувани спротивно на одредбите на оваа конвенција;

 

ѓ          да има правен лек согласно член 12 кога неговите или нејзините права согласно со оваа конвенција се повредени;

 

е         да има корист, независно од неговата или нејзината националност или живеалиште, од помошта на надзорниот орган во смисла на член 15, во остварувањето на неговите или нејзините права според оваа конвенција.

„2          Став 1.а нема да се применува ако одлуката е одобрена со закон кој се однесува на контролорот и кој исто така поставува соодветни мерки за заштита на правата, слободите и легитимните интереси на субјектот на лични податоци.“

Член 12

По новиот член 9 од Конвенцијата се додава нов член 10, како што следува:

„Член 10 – Дополнителни обврски

1         Секоја страна обезбедува дека контролорите и онаму каде што е применливо и обработувачите, ќе ги преземат сите соодветни мерки за да ги исполнат обврските од оваа конвенција и ќе бидат во можност да покажат, во согласност со домашното законодавство усвоено во согласност со член 11, став 3, особено во однос на надлежниот надзорен орган предвиден во член 15, дека обработката на податоците под нивна контрола е во согласност со одредбите на оваа конвенција.

 

2         Секоја страна обезбедува дека контролорите и доколку е тоа применливо обработувачите, ќе извршат проценка на влијанието на планираната обработка на лични податоци врз правата и основните слободи на субјектите на лични податоци пред да започнат со таквата обработка и ќе ја осмислат обработката на лични податоци на таков начин што ќе го спречи или минимизира ризикот од мешање во тие права и основни слободи.

 

3         Секоја страна обезбедува дека контролорите и, доколку е применливо обработувачите, ќе спроведат технички и организациски мерки кои ги земаат предвид импликациите на правото за заштита на личните податоци во сите фази од обработката на личните податоците.

 

4         Секоја страна, имајќи ги предвид ризиците кои произлегуваат од интересите, правата и основните слободи на субјектите на лични податоци, може да ја прилагоди примената на одредбите од ставовите 1, 2 и 3 во законот со кој се применуваат одредбите од оваа конвенција, според природата и обемот на податоците, природата, опсегот и целта на обработката а, каде што е тоа соодветно, големината на контролорот или обработувачот.“

 

Член 13

Поранешните членови од 9 до 12 од Конвенцијата стануваат членови 11 до 14 од Конвенцијата.

Член 14

Текстот на член 9 од Конвенцијата (нов член 11) се заменува со следното:

1         Не е дозволен исклучок од одредбите утврдени во ова поглавје, освен на одредбите од член 5, став 4, член 7, став 2, член 8, став 1 и член 9, кога таквиот исклучок е предвиден со закон, ја почитува суштината на основните права и слободи и претставува неопходна и пропорционална мерка во едно демократско општество за:

а            заштита на националната безбедност, одбрана, јавна безбедност, значајни економски и финансиски интереси на државата, непристрасност и независност на судството или спречување, истражување и гонење на кривични дела и извршување на кривични казни и други суштински цели на општ јавен интерес;

б           заштита на субјектот на лични податоци или права и основни слободи на другите, особено слобода на изразување.

2         Ограничувањата за спроведување на одредбите наведени во членовите 8 и 9 можат да бидат предвидени со закон во однос на обработката на личните податоци за цели на архивирање во јавен интерес, научни или историски истражувачки цели или статистички цели, кога не постои препознатлив ризик од повреда на правата и основните слободи на субјектите на лични податоци.

3         Дополнително на исклучоците предвидени во став 1 од овој член, во врска со активностите за обработка за национални безбедносни и одбранбени цели, секоја од страните може да предвиди, со закон и само до тој степен дека претставува неопходна и пропорционална мерка во едно демократско општество за исполнување на таквите цели, исклучоци на член 4, став 3, член 14, став 5 и 6 и член 15, став 2, потставови а, б, в и г.

 

Ова не е во спротивност со условот дека активностите за обработка на националните безбедносни и одбранбени цели се предмет на независна и ефективна проверка и надзор согласно домашното законодавство на соодветната страна.“

Член 15

Текстот на член 10 од Конвенцијата (нов член 12) се заменува со следното:

„Секоја страна се обврзува да воспостави соодветни судски и вонсудски санкции и правни лекови за прекршување на одредбите од оваа конвенција“.

Член 16

Насловот од Поглавје III се заменува со следното:

„Поглавје III – Прекуграничен проток на лични податоци“.

 

Член 17

1         Насловот на член 12 од Конвенцијата (нов член 14) се заменува со следното:

„Член 14 – Прекуграничен проток на лични податоци“.

2         Текстот на член 12 од Конвенцијата (нов член 14) се заменува со следното:

 

„1   Заради единствена цел на заштита на лични податоци, страната нема да го забрани или да го направи предмет на посебно овластување преносот на таквите податоци на корисникот кој е предмет на надлежност на друга страна на Конвенцијата. Меѓутоа, таквата страна може да го стори тоа ако постои реален и сериозен ризик дека преносот на друга страна или од таа друга страна до некоја не-страна би довел до заобиколување на одредбите од Конвенцијата. Страната може исто така да го стори тоа ако е обврзана со хармонизирани правила на заштита што ги делат државите кои припаѓаат на регионална меѓународна организација.

 

2    Кога корисникот е предмет на надлежност на држава или меѓународна организација која не е страна на оваа конвенција, преносот на лични податоци може да се случи само кога е обезбедено соодветно ниво на заштита според одредбите на оваа конвенција.

 

3    Соодветно ниво на заштита може да се обезбеди со:

а              законот на таа држава или меѓународна организација, вклучително применливите меѓународни договори или спогодби; или

 

б             ад хок или одобрени стандардизирани мерки за заштита обезбедени со законски обврзувачки и применливи инструменти усвоени и спроведени од страна на лицата вклучени во преносот и понатамошната обработка.

 

4 Без оглед на одредбите од претходните ставови, секоја од страните може да предвиди дека преносот на лични податоци може да се случи ако:

 

a              субјектот на лични податоци дал јасна, конкретна и слободна согласност, откако бил информиран за ризиците кои произлегуваат во отсуство на соодветни заштитни мерки; или

 

б             конкретните интереси на субјектот на лични податоци го бараат тоа во одредениот случај; или

 

в              преовладувачките легитимни интереси, особено важни јавни интереси, се предвидени со закон и таквиот пренос претставува неопходна и пропорционална мерка во едно демократско општество; или

 

г              тоа претставува неопходна и пропорционална мерка во едно демократско општество за слободата на изразување.

 

5               Секоја страна предвидува дека на надлежниот надзорен орган, во смисла на член 15 од оваа конвенција, ќе му се обезбедуваат сите релевантни информации во врска со преносот на податоци од став 3, потстав б и по барање, став 4, потстав б и в.

 

6    Секоја страна, исто така, предвидува дека надзорниот орган има право да побара од лицето кое пренесува лични податоци да ја докаже ефективноста на заштитните мерки или постоењето на преовладувачки легитимни интереси и дека надзорниот орган може, заради заштита на правата и основните слободи на субјектите на лични податоци, да забрани такви преноси, да ги прекине или да ги подложи на услови.”

 

3         Текстот на член 12 од Конвенцијата (нов член 14) ги вклучува одредбите од член 2 од Дополнителниот протокол од 2001 година во врска со надзорните органи и прекуграничните протоци на податоци (ЕТС бр. 181) за прекугранични протоци на лични податоци на корисник кој не е предмет на надлежност на страна на Конвенцијата.

Член 18

По Поглавје III од Конвенцијата се додава ново Поглавје IV, како што следува:

„ Поглавје IV – Надзорни органи“.

Член 19

Новиот член 15 ги вклучува одредбите од член 1 од Дополнителниот протокол од 2001 година (ЕТС бр. 181) и гласи како што следува:

„Член 15 – Надзорни органи

1         Секоја страна предвидува еден или повеќе органи да бидат одговорни за обезбедување на усогласеност со одредбите на оваа конвенција.

 

2         За таа цел, овие органи:

 

a            ќе имаат овластувања за истрага и интервенција;

 

б           ќе вршат функции што се однесуваат на пренос на лични податоци предвидени во член 14, особено одобрување на стандардизирани заштитни мерки;

 

в           ќе имаат овластувања да издаваат одлуки во врска со прекршување на одредбите од оваа конвенција и можат, особено, да наметнат административни казни;

 

г          ќе имаат овластување да се вклучат во судска постапка или да ги информираат надлежните судски органи за прекршување на одредбите од оваа конвенција;

 

д     ќе промовираат:

 

i.      јавна свест за нивните функции и овластувања, како и за нивните активности;

 

ii.       јавна свест за правата на субјектите на лични податоци и за остварувањето на таквите права;

 

iii.      свест за контролорите и обработувачите во врска со нивните одговорности според оваа конвенција;

 

посебно внимание ќе се посвети на правата за заштита на личните податоци на децата и другите ранливи поединци.

 

3         Надлежните надзорни органи се консултираат за предлози за какви било законски или административни мерки кои предвидуваат обработка на лични податоци.

 

4         Секој надлежен надзорен орган се занимава со барања и жалби поднесени од страна на субјектите на лични податоци во врска со нивните права за заштита на личните податоци и ги информира субјектите на лични податоци за напредокот.

 

 

5         Надзорните органи постапуваат со целосна независност и непристрасност во извршувањето на своите должности и при остварувањето на своите овластувања и притоа нема да бараат ниту да прифаќаат инструкции.

 

6         Секоја страна обезбедува дека на надзорните органи им се обезбедени средства потребни за ефективно извршување на нивните функции и остварување на нивните овластувања.

 

7         Секој надзорен орган подготвува и објавува периодичен извештај во кој се наведени неговите активности.

 

8         Членовите и персоналот на надзорните органи се обврзани со обврски за доверливост во однос на доверливи информации до кои имаат пристап или имале пристап, во извршување на нивните должности и остварувањето на нивните овластувања.

 

9         Одлуките на надзорните органи можат да бидат предмет на жалба поднесена до судовите.

 

10     Надзорните органи нема да бидат надлежни во поглед на обработката што ја вршат телата кога дејствуваат во нивната судска надлежност.“

Член 20

1         Поглавјата од IV до VII од Конвенцијата се пренумерираат во поглавја V до VIII од Конвенцијата.

 

2         Насловот на Поглавје V се заменува со „Поглавје V – Соработка и заемна помош“.

 

3         Се додава нов член 17, а поранешните членови 13 до 27 од Конвенцијата стануваат членови 16 до 31 од Конвенцијата.

Член 21

1         Насловот на член 13 од Конвенцијата (нов член 16) се заменува со следното:

„Член 16 – Назначување на надзорни органи“.

 

2         Став 1 од член 13 од Конвенцијата (нов член 16) се заменува со следното:

 

„1    Страните се согласуваат да соработуваат и да си пружат заемна помош со цел да ја спроведат оваа конвенција.“

 

3         Став 2 од член 13 од Конвенцијата (нов член 16) се заменува со следното:

 

„2     За таа цел:

 

a             секоја страна назначува еден или повеќе надзорни органи во смисла на член 15 од оваа Конвенција, а името и адресата на секој од нив ги доставува до Генералниот секретар на Советот на Европа;

 

б             секоја од страните што назначила повеќе од еден надзорен орган, точно ја определува надлежноста на секој орган во своето соопштение од претходниот потстав.“

 

4         Став 3 од членот 13 од Конвенцијата (нов член 16) се брише.

Член 22

По новиот член 16 од Конвенцијата се додава нов член 17, како што следува:

„Член 17 – Облици на соработка

1         Надзорните органи соработуваат едни со други до степен потребен за извршување на нивните должности и остварување на нивните овластувања, особено преку:

 

а             обезбедување заемна помош преку размена на релевантни и корисни информации и меѓусебна соработка под услов дека, во однос на заштитата на личните податоци, сите правила и заштитни мерки од оваа конвенција се почитуваат;

 

б            координирање на нивните истраги или интервенции или спроведување на заеднички активности;

 

в              предвидување на информации и документација за нивната законска и административна практика во врска со заштитата на личните податоци.

2         Информациите наведени во став 1 нема да вклучуваат лични податоци што се подложени на обработка, освен ако таквите податоци се од суштинско значење за соработка, или кога засегнатиот субјект на лични податоци даде јасна, конкретна, слободна и информирана согласност за нивното обезбедување.

3         Надзорните органи на страните формираат мрежа со цел да ја организираат нивната соработка и да ги извршат должностите утврдени во претходните ставови.“

Член 23

1         Насловот на член 14 од Конвенцијата (нов член 18) се заменува со следното:

 

„ Член 18 – Помош на субјектите на лични податоци“.

 

2         Текстот на член 14 од Конвенцијата (нов член 18) се заменува со следното:

 

„1     Секоја страна му помага на секој субјект на лични податоци, независно од неговото или нејзиното државјанство или живеалиште, да ги остварува своите права според член 9 од оваа конвенција.

 

2     Кога субјектот на лични податоци престојува на територијата на друга страна, тој или таа ќе добијат можност да го поднесат барањето преку посредник на надзорниот орган назначен од таа страна.

 

3     Барањето за помош ги содржи сите потребни податоци, кои се однесуваат, меѓу другото, на:

 

a              името, адресата и сите други релевантни податоци кои го идентификуваат субјектот на лични податоци што го прави барањето;

 

б             обработката на која се однесува барањето или нејзиниот контролор;

 

в              целта на барањето.“

Член 24

1         Насловот на член 15 од Конвенцијата (нов член 19) се заменува со следното:

 

„Член 19 – Заштитни мерки“.

 

2         Текстот на член 15 од Конвенцијата (нов член 19) се заменува со следното:

 

„1            Надзорен орган кој добил информации од друг надзорен орган, придружувајќи го барањето или како одговор на неговото барање, нема да ги користи тие информации за цели различни од оние наведени во барањето.

 

2              Во ниту еден случај не смее да му се дозволи на надзорниот орган да поднесе барање во име на субјектот на лични податоци по сопствена волја и без изречно одобрување на засегнатиот субјект на лични податоци.“

Член 25

1         Насловот на член 16 од Конвенцијата (нов член 20) се заменува со следното:

 

„Член 20 – Одбивање на барања“.

 

2         Образложението од член 16 од Конвенцијата (нов член 20) се заменува со следното:

„ Надзорниот орган до кој е упатено барањето според член 17 од оваа конвенција не може да одбие да се придржува до истото, освен ако:“

 

3         Потстав а на член 16 од Конвенцијата (нов член 20) се заменува со следното: “

 

„а            барањето не е компатибилно со неговите овластувања.“

 

4         Потстав в од член 16 од Конвенцијата (нов член 20) се заменува со следното:

 

 

„в            усогласување со барањето би било неспојливо со суверенитетот, националната безбедност или јавниот ред на страната од која е назначено или со правата и основните слободи на лицата што се под надлежност на таа страна.“

 

Член 26

1         Насловот на член 17 од Конвенцијата (нов член 21) се заменува со следното:

 

„Член 21 – Трошоци и процедури“.

 

2         Став 1 од член 17 од Конвенцијата (нов член 21) се заменува со следното:

 

“1            Соработката и заемната помош која страните меѓусебно си ја пружат според член 17 и помошта што им ја даваат на субјектите на лични податоци според членовите 9 и 18, нема да предизвикаат плаќање на какви било трошоци или такси освен оние што се направени за експерти и толкувачи. За нив трошоците или надоместоците ги сносува страната што го поднесува барањето.“

 

3         Термините „неговата или нејзината“ ја заменуваат „неговата“ во став 2 од член 17 од Конвенцијата (нов член 21).

Член 27

Насловот на Поглавје V од Конвенцијата (ново поглавје VI) се заменува со следното:

„ Поглавје VI – Комитет на конвенцијата“

Член 28

1         Термините „Консултативен комитет“ во став 1 од член 18 од Конвенцијата (нов член 22) се заменуваат со „Комитет на конвенцијата“.

 

2         Став 3 од член 18 од Конвенцијата (нов член 22) се заменува со следното:

 

„3            Комитетот на конвенцијата со одлука донесена со мнозинство од две третини од претставниците на страните, може да покани набљудувач да биде застапен на неговите состаноци.“

 

3          Нов став 4 се додава по став 3 на членот 18 од Конвенцијата (нов член 22):

 

„4            Секоја страна што не е членка на Советот на Европа придонесува кон финансирање на активностите на Комитетот на конвенцијата во согласност со модалитетите утврдени од Комитетот на министри во согласност со таа страна.“

Член 29

1         Терминот „Консултативен комитет“ во образложението на член 19 од Конвенцијата (нов член 23) се заменува со „Комитет на конвенцијата“.

 

2          Терминот „предлози“ во потстав а на член 19 од Конвенцијата (нов член 23) се заменува со терминот „препораки“.

 

3         Упатувањата на „член 21“ во потстав б и „член 21 став 3“ во потстав в од член 19 од Конвенцијата (нов член 23) соодветно се заменуваат со упатувања на „член 25“ и „член 25, став 3“.

 

4         Потстав г од член 19 од Конвенцијата (нов член 23) се заменува со следното:

 

„г            може да изрази мислење за секое прашање во врска со толкувањето или примената на оваа конвенција;“.

 

5         Следните дополнителни потставови се додаваат по потставот г од член 19 од Конвенцијата (нов член 23):

 

„д           пред секое ново пристапување кон Конвенцијата, подготвува мислење за Комитетот на министри во врска со нивото на заштита на личните податоци на кандидатот за пристапување и каде што е потребно, препорачува мерки за преземање за да се постигне усогласеност со одредбите од оваа конвенција;

 

ѓ              може, на барање на држава или меѓународна организација, да процени дали нивото на заштита на личните податоци што државата го обезбедува е во согласност со одредбите на оваа конвенција и кога е потребно, да препорачува мерки што треба да се преземат за да се постигне таква усогласеност;

 

е             може да развие или одобри модели на стандардизирани мерки на заштита наведени во член 14;

 

ж             го проверува спроведувањето на оваа конвенција од страна на страните и препорачува мерки што треба да се преземат во случај кога страната не е во согласност со оваа конвенција;

 

з              го олеснува, онаму каде што е потребно, пријателското решавање на сите тешкотии поврзани со примената на оваа конвенција.“

Член 30

Текстот на член 20 од Конвенцијата (нов член 24) се заменува со следното:

„1            Комитетот на конвенцијата го свикува Генералниот секретар на Советот на Европа. Неговиот прв состанок се одржува во рок од дванаесет месеци од влегувањето во сила на оваа конвенција. Потоа се состанува најмалку еднаш годишно и во секој случај кога една третина од претставниците на страните ќе побараат негово свикување.

 

2              По секој состанок, Комитетот на конвенцијата доставува до Комитетот на министри на Советот на Европа извештај за својата работа и за функционирањето на оваа конвенција.

 

3              Аранжманите за гласање во Комитетот на конвенцијата се утврдени во елементите за правилата на постапките приложени кон Протокол ЦЕТС бр.223.

 

4              Комитетот на конвенцијата ги изготвува другите елементи за правилата на постапките и ги утврдува особено постапките за евалуација и проверка наведени во член 4, став 3 и член 23, потстав д, ѓ и ж врз основа на објективни критериуми.“

Член 31

1         Ставовите 1 до 4 од член 21 од Конвенцијата (нов член 25) се заменуваат со следното:

„1            Измените на оваа конвенција може да бидат предложени од некоја од Страните, Комитетот на министри на Советот на Европа или од Комитетот на конвенцијата.

2              Генералниот секретар на Советот на Европа ги доставува сите предлози за измени до Страните на оваа конвенција, до другите земји членки на Советот на Европа, до Европската Унија и до секоја земја која не е членка или до меѓународна организација која има покана да пристапи кон оваа конвенција во согласност со одредбите од член 27.

3              Покрај тоа, секоја измена предложена од некоја од Страните или од Комитетот на министри се доставува до Комитетот на конвенцијата, кој му го доставува на Комитетот на министри своето мислење за предложената измена.

4              Комитетот на министри ја разгледува предложената измена и секое мислење поднесено од Комитетот на конвенцијата и може да ја одобри измената.“

2         Дополнителен став 7 се додава по став 6 од член 21 од Конвенцијата (нов член 25), како што следува:

„7            Покрај тоа, Комитетот на министри може, по консултации со Комитетот на конвенцијата, едногласно да одлучи дека конкретна измена ќе влезе во сила по истекот на период од три години од датумот на кој е отворена за прифаќање, освен ако некоја страна не го извести Генералниот секретар на Советот на Европа за приговор за нејзиното влегување во сила. Ако има известување за таков приговор, измената влегува во сила на првиот ден од месецот што следува по датумот на кој страната на оваа конвенција која известила за приговорот го депонирала својот инструмент за прифаќање кај Генералниот секретар на Советот на Европа.“

Член 32

1         Став 1 од член 22 од Конвенцијата (нов член 26) се заменува со следното:

„1            Оваа конвенција ќе биде отворена за потпис од страна на земјите членки на Советот на Европа и Европската Унија. Таа е предмет на ратификација, прифаќање или одобрување. Инструментите за ратификација, прифаќање или одобрување се депонираат кај Генералниот секретар на Советот на Европа.“

2         Терминот „земја членка“ во став 3 од член 22 од Конвенцијата (нов член 26) се заменува со „страна“.

Член 33

Насловот и текстот на член 23 од Конвенцијата (нов член 27) се заменуваат како што следува:

„Член 27 – Пристапување на земји кои не се членки или меѓународни организации

1         По влегувањето во сила на оваа конвенција, Комитетот на министри на Советот на Европа, по консултации со страните на оваа конвенција и постигнување на нивен едногласен договор и во согласност со мислењето подготвено од Комитетот на конвенцијата во согласност со член 23.д, може да ја покани која било држава која не е членка на Советот на Европа или меѓународна организација да пристапи кон оваа конвенција со одлука донесена од страна на мнозинството предвидено во член 20.г од Статутот на Советот на Европа и со едногласно гласање на претставниците на договорните држави кои имаат право да заседаваат во Комитетот на министри.

 

2         Во однос на која било држава или меѓународна организација која пристапува кон оваа конвенција според став 1 даден погоре, Конвенцијата стапува во сила на првиот ден од месецот по истекот на периодот од три месеци по денот на депонирањето на инструментот за пристапување кај Генералниот секретар на Советот на Европа.“

Член 34

Ставовите 1 и 2 од член 24 од Конвенцијата (нов член 28) се заменуваат со следното:

„1            Секоја држава, Европската Унија или друга меѓународна организација, во моментот на потпишување или кога го депонира својот инструмент за ратификација, прифаќање, одобрување или пристапување, може да ја определи територијата или териториите на кои ќе се применува оваа конвенција.

2              Секоја држава, Европската Унија или друга меѓународна организација, во кој било подоцнежен датум, со декларација упатена до Генералниот секретар на Советот на Европа, може да ја прошири примената на оваа Конвенција на која било друга територија наведена во декларацијата. Во однос на таа територија, Конвенцијата влегува во сила на првиот ден од месецот по истекот на периодот од три месеци по датумот на прием на таквата декларација од страна на Генералниот секретар.“

Член 35

1         Терминот „држава“ во образложението од член 27 од Конвенцијата (нов член 31) се заменува со „страна“.

 

2         Упатувањето на „членовите 22, 23 и 24“ во потстав в се заменуваат со упатувања на „членовите 26, 27 и 28“.

Член 36 – Потпис, ратификација и пристапување

1         Овој протокол е отворен за потпис од страна на договорните држави кон Конвенцијата. Тој е предмет на ратификација, прифаќање или одобрување. Инструментите за ратификација, прифаќање или одобрување се депонираат кај Генералниот секретар на Советот на Европа.

 

2         По отворањето за потпишување на овој протокол и пред неговото влегување во сила, секоја останата држава ја изразува својата согласност да биде обврзана со овој протокол со пристапување. Таа не може да стане страна на Конвенцијата без истовремено да пристапи кон овој протокол.

Член 37 – Влегување во сила

1         Овој протокол влегува во сила на првиот ден од месецот по истекот на периодот од три месеци по датумот на кој сите страни на Конвенцијата изразиле согласност да бидат обврзани со Протоколот, во согласност со одредбите од став 1 од член 36.

 

2         Во случај овој протокол да не влегол во сила во согласност со став 1, по истекот на периодот од пет години по датумот на кој е отворен за потпишување, Протоколот влегува во сила во однос на оние држави кои имаат изразено нивна согласност да бидат обврзани со истиот согласно став 1, под услов Протоколот да има најмалку триесет и осум страни. Како и помеѓу страните на Протоколот, сите одредби од изменетата Конвенција ќе почнат да се применуваат веднаш по влегувањето во сила.

 

3         До влегувањето во сила на овој протокол и без да е во спротивност со одредбите во врска со влегувањето во сила и пристапот на земји кои не се членки или на меѓународни организации, страната на Конвенцијата, во моментот на потпишување на овој протокол или подоцна, може да изјави дека ќе ги примени одредбите од овој протокол на привремена основа. Во вакви случаи, одредбите од овој протокол се применуваат само во однос на другите страни на Конвенцијата кои направиле иста декларација. Таквата декларација влегува во сила на првиот ден од третиот месец по датумот на приемот од страна на Генералниот секретар на Советот на Европа.

 

4         Од денот на влегувањето во сила на овој протокол, се укинува Дополнителниот протокол кон Конвенцијата за заштита на поединци во однос на автоматската обработка на личните податоци, во врска со надзорните органи и прекуграничниот проток на лични податоци (ЕТС бр. 181).

 

5         Од денот на влегувањето во сила на овој протокол, измените на Конвенцијата за заштита на поединци во однос на автоматската обработка на лични податоци, одобрени од Комитетот на министри, во Стразбур, на 15 јуни 1999 година, ја губат својата намена.

 

Член 38 – Декларации поврзани со Конвенцијата

Од денот на влегување во сила на овој протокол, во однос на страната која приложила една или повеќе декларации во согласност со член 3 од Конвенцијата, таквите декларации престануваат да важат.

Член 39 – Оградувања

На одредбите на овој протокол не може да се направат оградувања.

Член 40 – Известувања

Генералниот секретар на Советот на Европа ги известува земјите членки на Советот на Европа и секоја друга страна на Конвенцијата за:

a              секој потпис;

б             депонирање на секој инструмент за ратификација, прифаќање, одобрување или пристапување;

в              датумот на влегување во сила на овој протокол во согласност со член 37;

г              секој друг чин, известување или комуникација во врска со овој протокол.

Во потврда на тоа долупотпишаните, кои се прописно овластени за тоа, го потпишаа овој Протокол.

Составен во Стразбур, на 10 октомври 2018 година, на англиски и на француски јазик, при што двата текста се подеднакво автентични, во еден единствен примерок кој ќе биде депониран во архивите на Советот на Европа. Генералниот секретар на Советот на Европа ќе испрати заверени копии до секоја земја членка на Советот на Европа, на други страни на Конвенцијата и секоја држава која е поканета да пристапи кон Конвенцијата.

Прилог на Протоколот: Елементи за правилата за работа на Комитетот на конвенцијата

1         Секоја страна има право на глас и има еден глас.

 

2         Двотретинско мнозинство од претставници на страните претставува кворум за состаноците на Комитетот на конвенцијата. Доколку изменетиот Протоколот кон Конвенцијата влезе во сила во согласност со член 37 (2) пред неговото влегување во сила во однос на сите договорни држави на Конвенцијата, кворумот за состаноците на Комитетот на конвенцијата не смее да биде помал од 34 страни на Протоколот.

 

3         Одлуките од член 23 се донесуваат со мнозинство од четири петтини. Одлуките во согласност со член 23, потстав ж, се донесуваат со мнозинство од четири петтини, вклучително и мнозинство од гласовите на државите кои се страни на Конвенцијата, а кои не се членови на регионална организација за интеграција која е страна на Конвенцијата.

 

4         Кога Комитетот на конвенцијата донесува одлуки во согласност со член 23, потстав ж, страната засегната од проверката не гласа. Секогаш кога таква одлука се однесува на прашање што спаѓа во надлежност на регионална организација за интеграција, не гласа ни организацијата, ни нејзините земји членки.

 

5         Одлуките во врска со прашања за процедурите се донесуваат со обично мнозинство.

 

6         Регионалните организации за интеграција, за прашања во нивна надлежност, можат да го остварат своето право на глас во Комитетот на конвенцијата, со број на гласови еднакви на бројот на нивните земји членки што се страни на Конвенцијата. Таквата организација нема да го оствари своето право на глас ако некоја од нејзините земји членки го остварува своето право.

 

7         Во случај на гласање, сите страни мора да бидат информирани за предметот и времето на гласање, како и за тоа дали страните ќе го спроведуваат гласот поединечно или од страна на регионална организација за интеграција во име на нејзините земји членки.

 

8         Комитетот на конвенцијата може дополнително да ги измени своите правилници за работа со двотретинско мнозинство, со исклучок на аранжманите за гласање кои можат да се менуваат само со едногласно гласање на страните за што се применува член 25 од Конвенцијата.

____________________________________________________________________________________

 

 

 

 


Folde

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *