Безболно породување отсега и во кумановската болница

Во кумановската Општа болница почнаа да се применуваат методи за безболно породување. Анестезиолозите од кумановската болница велат дека методите не им се непознати, но и во оваа област како и во останатите постојано има новини, унапредени методи што полека треба да почнат да се применуваат и во јавното здравство и од кои добивка ќе имаат пациентките.
Директорот на анестезија со акушерство од Медицинскиот центар при Државниот универзитет на Њујорк (SUNY Downstate Medical Centre), Бруклин, Њујорк, Иван Величковиќ, кој престојуваше во кумановската болница во рамките на проектот за соработка што ја остваруваат македонските и американските лекари, информира дека во соработка со лекарите од Општата болница врз пациентките се извршени аналгезии за породување и нов вид постоперативна терапија за блокирање на болката.

– Направивме две различни методи за обезболување на пациентките. Потребни се пет минути да се стави мала игла во грбот на пациентките и да добијат анестетик. Потоа, во период од две до три минути болките престануваат и жените се пораѓаат сосема нормално, со единствена разлика што не чуствуваат болка. Целата идеја на аналгезиите за породување е да се отстрани болката, а сè останато да биде нормално. Вакви методи во Америка се применуваат со години, има и во Скопје, време е тие методи да бидат достапни и во Куманово и верувам дека ќе има доста безболни породувања, вели Величковиќ.

Директорката на болницата, воедно и анестезиолог, Снежана Захариева вели дека не е прескапо да се применуваат ваквите методи, од кои задоволство можат да имаат само пациентките.

– Не е скапо да се набави. Минимални разлики се меѓу она што сега го работиме. Станува збор за набавка на одреден тип игли, кои повеќе ќе ни требаат за постоперативна аналгезија, но и друг тип игли, би ги нарекла атрауматски, со кои се работи во САД. Ние пред неколку години ги имавме, но искрено не бевме одушевени од квалитетот, сега ќе се потрудиме да си набавиме со добар квалитет од добар производител и да работиме со нив, вели Захариева.

Меѓу првите врз кои беше применета новата метода за аналгезии за породување беа родилките Севими Јахији од Куманово и Бренда Моневска од Крива Паланка. И на двете ова им е второ породување.

– Одлично поминав сега. Ме боцнаа, не чувствував болки, за разлика со првото дете, кога имав болки, вели Јахији.

И нејзината цимерка Бренда Моневска од Крива Паланка рече дека оваа метода ја спасила од породилните болки и топло им препорачува на идните мајки да ја користат.

– Има разлика помеѓу првото и второто породување. Со првото имав силна болка, со второто ништо, благодарна сум им на докторите, вели Моневска.

Во однос на тоа дали има ризици од примената на методите, лекарот Величковиќ појаснува дека дека сите процедури што се изведуваат во медицината врз пациентите вклучуваат одреден степен на ризик, но сепак, потенцира лекарот, пациентот со анестезија е многу побезбеден од пациентот без анестезија.

– Анестезијата има одреден степен на ризик, но вкупната корист за пациентот е толку голема што вкупниот ризик за пациентот е помал отколку да е пациентот без анестезија. Пациентот со анестезија е побезбеден во однос пациентот без анестезија, изјави Величковиќ.

Захариева најави дека ќе се потрудат да набават соодветни игли.

– Овде се оди за убаво, за рожба, најубав чин во животот на мајките. Ќе се потрудиме да обезбедиме и во иднина, а засега има сè што е потребно да се применува оваа метода, истакнува Захариева.

На гинеколошко-акушерското одделение во Куманово годишно има помеѓу 1.300 и 1.500 породувања и, освен кумановки, тука доаѓаат родилки од соседните општини, Липково, Старо Нагоричане, Крива Паланка и Кратово.

 

14 thoughts on “Безболно породување отсега и во кумановската болница

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *