Над 200 текстилни работници од „Веибо груп” остануваат без работа, најавија протест пред компанијата

Стотина работници од „Веибо Груп” денеска одржаа неколкучасовен мирен собир пред општинската зграда во Крива Паланка, најавувајќи дека утре ќе одржат протест пред просториите на компанијата.

Денешниот собир беше искажување револт кон одговорните во компанијата кои, според нивните изјави, од утре ќе ги остават без работа сите 210 работници во текстилната фирма, основана со турски капитал.

– Не знаеме што ќе правиме, досега имаме три заостанати плати, сметките се собираат, ратите за кредитите доспеваат, а ние сме и без пари и без работа. И јас и маж ми работевме во Веибо, и многу сопружници од овде егзистираа, а сега, по осумте дена на одмор, најавено е колективно отпуштање, се пожали една текстилна работничка која, како и останатите, сакаше да остане анонимна, во страв да не не го добие тоа што го има заработено.

Работниците се обратиле до „Гласен текстилец”, здружение на текстлни, кожарски и чевларски работници од Штип, барајќи поддршка во намерата да протестираат деноноќно се до исплата на платите. Работеле, велат, по 10 наместо по осум часа дневно, па и на празници, без да им се плаќа дополнително.

– Жално е и нечовечки сето сето ова што се случува во Крива Паланка. Над двесте работници да останат без работа, без плати веќе три месеци, тоа е недопустливо. Тие веќе трет месец се без плата и платени придонеси, а им е јавено дека веќе од утре, 1 февруари 2018 година, ќе бидат одјавени од фабриката. Повикувам институциите да не останат имуни на овој, веќе втор случај на грубо повредување на работничките права, изјави Кристина Ампева од „Гласен текстилец”.

Рече дека веќе е во контакт и со адвокат кој би ги застапувал работниците, а таа ќе се обиде логистички да ги поддржи.

Побаравме изјава и од Кристина Јанева, одговорна во Веибо, но не одговори на упорните телефонски повици.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *