Околу 21,6 милиони денари наменети за проекти за регионален развој

Предлогот на Министерството за локална самоуправа, за распределба на средства за финансирање на проекти на планските региони од Програмата за рамномерен регионален развој за 2019 година, беше тема на дискусија на на денешната седница на Советот за рамномерен регионален развој, со која претседаваше вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев.

Како што соопшти Кабинетот на Анѓушев, средствата во износ од околу 21,6 милиони денари се резултат на заштеди остварени при реализација на проекти од страна на Центрите за развој на планските региони во сите осум плански региони. Поради ова, Советот на денешната седница донесе oдлука овие средства да бидат доделени за три нови проекти и за зголемување на износот на пет веќе постојни проекти.

– Со заштедените средства ќе се финансира уредување на дел од индустриските зони во Југоисточен плански регион, со цел зголемување на економскиот развој, проект за „Помалку отпад за поквалитетен живот“, унапредување на техничките капацитети на Јавните комунални претпријатија во Пелагонискиот плански регион и овозможување поквалитетни услуги од регионално значење како и подобрување на туристичката понуда во Североисточниот плански регион преку инвестиции во докапитализација на градски базен во Куманово, се наведува во соопштението.

Дополнително, како што информира Кабинетот на Анѓушев, извршено е дофинансирање на проектот за ревитализација на патот Богородица – Стојаково, крстосница со регионалниот пат Гевгелија – Богданци (втора фаза), подготовка на техничка документација за локални регионални патишта во Југозападниот плански регион, подобрување на инфраструктурните услови за создавање на мултифункционален објект за поддршка на културно – уметнички и спортско – рекреативни настани во Општина Лозово, како и подобрување на руралната инфраструктура во Вардарскиот плански регион преку изградба на Центар за откуп на земјоделски производи во Општина Градско.

На седницата е донесена и Одлука за определување на подрачјата со специфични развојни потреби во Република Северна Македонија за периодот од 2019-2023 година, а усвоен е и Годишниот извештај за спроведување на акцискиот план за спроведување на Стратегијата за регионален развој на Република Северна Македонија за 2018 година.

На седницата на Советот за рамномерен регионален развој учествувале и министрите за локална самоуправа Горан Милески, за транспорт и врски Горан Сугарески, за труд и социјална политика, Мила Царовска, за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, за зeмјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски и за култура Хусни Исмаили, како и директорот на Бирото за рамномерен развој Рамиз Реџепи и градоначалниците на општините и претседатели на осумте плански региони во Република Северна Македонија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *