Мицкоски: Итна истрага за аферата Кеш, за делувањето на обвинители и судии и закон за потекло на имот на политичари

Пред да се осврнам на главната тема на денешната прес конференција, и пред да излезе СДСМ со механичка прес конференција, и со однапред напишан текст само ќе констатирам дека поминуваат точно 24 часа од последниот мој јавен настап каде отворено побарав од Заев и власта да се согласат да овозможиме законски измени со кои политичари кои биле амнестирани нема да може да се занимаваат со политика, и да не може да се амнестираат луѓе кои обавувале јавна функција и имале политичка позиција, а кои се огрешиле со законот. Само ќе нагласам дека Заев кого вчера го видовме на снимено видео обраќање од кое чувме како се колне во правдата, и со оглед на тоа колку ревносно ја креваа измамата со амнестијата изминатите денови, денес наспроти сето ова ќе констатирам дека има молк и се уште ги немаат прифатено овие наши барања. Сето ова укажува дека амнестијата како пракса станува посакувана опција за веќе еднаш амнестираниот Заев и неговите луѓе.

А сега дозволете да се навратам на темата на денешната прес конференција.

Македонија има сериозен проблем со криминалните структури во правосудниот систем. Состојбите се алармантни. Во услови кога имате криминална влада, портите за корупцијата и инструираните одлуки во обвинителството и судството се широко отворени. И тоа не е проблем кој застанува во правосудните лавиринти, судството и обвинителството, тоа е проблем кој е создаден и потхрануван од Владата и Зоран Заев.

Зоран Заев кој за овие три години не направи ништо за да смени нешто во овој корумпиран систем. Ако некој се прашува зошто е тоа така, треба да знае дека Зоран Заев лично е пречката за правдата во Македонија.

Покажувањето на показалецот на премиерот кон судството и обвинителството не го решава проблемот зошто тој показалец ја кочи правдата и е извор на неправдата. Имаме власт која е заштитник на криминалот, и корумпираните судии и обвинители.

Конкретно преку аферата Кеш гледаме дека правосудниот систем, особено СЈО било претворено во алатка на Зоран  Заев и власта за спроведување на политичка агенда, место каде биле вдомени партиски кадри, блиски роднини на судии, обвинители, политичари, дебело платени со парите на граѓаните. Онаа неколкугодишна претстава на СЈО, оние спектакли без правен крај, оние престави на самопрогласените Чарлиеви ангели чии усти беа преполни со зборовите Устав и закони, гледаме дека најмалку се бореле за правда, туку за прогон, но пред се за заштита на криминалот. И не се жалело пари за тоа.

Десетици илјади евра, неколкупати повеќе од основната плата која пак исто така се брои во неколку илјади евра, и е далеку повисока од било која друга државна плата, без контрола биле плаќани во форма на награди и паушали. Па затоа во изминатиов период читавме провладини пера, гледавме платеници кои ја бранеа Катица и СЈО, го напаѓаа ВМРО-ДПМНЕ, мене а ја бранеа Власта и Зоран Заев

Гледаме како тоа СЈО си имала и приватна полиција платена со народни пари, преку началникот на Алфите. Гледаме како и ќерките, синовите, внуците  на судиите, обвинителите, земале покрај платата и паушали во илјадници евра. Скоро и да немало вработен кој не е таму по пат на непотизам, или по партиски клуч да му служи на Зоран Заев и СДСМ. И наместо правда, добивме рекет, наместо правна разрешница, добивме изигрување на процедурите, наместо независност, добивме партизираност, наместо заштита, добивме атак врз словото на Уставот и Законите.

Згора на се, сето ова поминува неказнето, млитаво, со дефоксуирање на вистинските скандали. Имаме некоја бледа истрага за илјадниците евра паушали, која повеќе личи на борба да се влезе во СЈО и да се обезбедат доказите кои отвораат сомнеж за незаконско постапување на институцијата со неславен крај, а пред се да се заштитат главните наредбодаватели, оние по чии упатства работеле Катица, Фатиме, Лиле и останатите, а чии пипци, како и за се друго покажуваат кон владата на Македонија.

И се покажа дека намерата на Власта не беше да се постигне договор за обвинителство, туку да се спаси кариерата на обвинителите од корумпираното СЈО.  Аферата покажува зошто Заев беше пречката да нема нов закон за обвинителство. Во моментот кога го постигнаа тоа преку прераспределување во редовното обвинителство, тие ја загубија желбата за закон за обвинителство.

Уште во месец јули побарав истрага за работата на обвинителите, а тоа од власта беше лажно интерпретирано како обид да се спречи правдата. Денес кога гледаме дека нема никаква правда од овие обвинители, Заев за да одбегне одговорност за состојбите, и тој бара истрага.

И навистина е лицемерно да излегува со видео обраќање Заев на кое повикува прочистување на нечесни судии и обвинители кои пак се хранат од неговата рака како што се гледа преку аферата Кеш. Не е само проблемот што има судии и обвинители кои се корумпирани, туку што Заев е браната да се стигне до откривање на тој криминал.

Аферата Кеш покажува колку само ни е трул правосудниот систем кој е ставен во функција да и служи на власта и интересите на Зоран Заев. Добивме политичари кои се над државата, со преку ноќ стекнат имот кој се брои во милиони евра, и обвинители и судии кои без основа земале државни пари а не носеле правда и заштитувале неправда.

Затоа ВМРО-ДПМНЕ бара:

Прво, итна, неодложна и сеопфатна истрага за аферата Кеш, пред се истрага за работата на обвинителите од поранешното СЈО, но и другите обвинители од редовното обвинителство и судии кои не постапуваат или молчат пред евидентната лавина на скандали и афери. Истрага и за начинот на кој се доделувале и злоупотребувале народните пари. И зошто се молчи за десетици афери. Таа истрага треба да биде и под силна лупа на Европската Унија и меѓународните сојузници, со оглед на фактот на високиот степен на инкриминираност на власта во овие процеси.

Второ, согласно Уставот ќе продолжиме закон со кој ќе се овозможи проверка на потекло на имот на судии, обвинители, политичари носители на јавни функции. Да го испитаме потеклото на имотот на политичарите, и оние кои несразмерно се обогатија на грбот на народот, не само  да одговараат со казни, туку да го вратат украденото од народот во буџетот на Македонија согласно Уставот. Мора да се врати одземеното на народот. Никој во оваа држава не смее да заштитува криминал, а криминалците да се чувствуваат заштитени. Еве јас ќе ги повикам институциите прв да ме проверат мене и моето семејство, но на иста таква проверка да подложи и Заев, министрите, директорите, судиите, обвинителите. Се што има индиции за нечесно стекнат имот да биде вратено кај народот.

Само така ќе добиеме правда. Ако ова не биде прифатено од страна на Владата и Заев овие две одлуки ќе бидат реализирани во првите сто дена од новата влада на ВМРО-ДПМНЕ, после предвремените парламентарни избори на 12 април.

Мораме да одиме напред, и да ставиме крај на криминалот и корупцијата.

Борбата против криминалот не смее да има компромиси. Ќе одиме до крај и нема, аи не смееме да го разочараме народот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *