Водостопанската подружница „Брегалница“ ги чисти каналите во Кочанско

Водостопанската подружница „Брегалница“ од Кочани го реализира планот за чистење на каналите за наводнување и одводнување на земјоделските површини во регионот, како дел од подготовките за новата сезона за наводнување, а за што ангажира сопствена механизација.

Се планира да се исчистат околу 200 километри канали и земјени вади за наводнување на оризовите ниви, што е за околу педесетина километри помалку во однос на минатата година. Во моментот се работи на чистење на одводните канали во атарите на селата Подлог и Чифлик.

– Ја продолжуваме практиката од минатите две години за рано почнување и завршување на чистењето на каналите, а годинава во прилог ни одат и одличните временски услови, така што очекуваме навремено реализирање на планираните работи. Реакциите кај земјоделците се позитивни и во меѓусебен договор со нив, нашата механизација ја ангажираме на места каде е потребно прочистување на каналите и исцедување на нивите. Слободно може да се каже дека годинава имавме успешна оризопроизводна сезона, поради што повторно сакаме да обезбедиме добри услови и за претстојната наводнителна кампања, истакна Дени Митров, директор на водостопанската подружница „Брегалница“ од Кочани.

Веќе е изготвен и планот за наводнување за наредната година, според кој со ориз во кочанскиот регион е предвидено да се засеат околу 4.300 хектари, што е на слично ниво како годинава. Планот е јавно објавен во просториите на водостопанската подружница и во месните заедници во селските населби, со апел до земјоделците навремено да го платат водниот надоместок, а ако не добиле фактура истата можат да ја подигнат и лично во претпријатието.

Во моментот состојбата со вештачките акумулации од хидросистемот „Брегалница“ е поволна, односно во браната Калиманци се акумулирани околу 24 милиони кубни метри вода, а во Гратче има 1,7 милиони кубни метри.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *