Од следната година изградба на пречистителна станица за отпадни води во Скопје

ЈП Водовод и Канализација – Скопје, претпријатие со основна дејност собирање, обработка и снабдување со чиста и квалитетна вода за пиење како и отстранување на отпадни води на територијата на град Скопје, превзема поголем број на активности и проекти за подобрување и целосно исполнување на своите обврски кон своите корисници, но и кон природата.

Имајќи го предвид зголеменото индустриско производство, земјоделско производство и домашната потрошувачка, како и зголемениот број на население што доведува до зголемена употреба на водните ресурси и создавање на огромни количества на отпадни води, кои ја уништуваат животната средина, по потпишувањето на Протоколот за управување со ПСОВ Волково со Министерството за животна средина и просторно планирање, ЈП Водовод и Канализација – Скопје ја најавува и изградбата на Пречистителната станица за отпадни води – Скопје.

Имено, изградбата на ПСОВ Скопје ќе започне наредната година. Објектот ќе се простира на површина од 13 хектари, во општина Гази Баба, на левиот брег на реката Вардар во областа Трубарево. Проектот е во реализација на ЈП Водовод и Канализација – Скопје во соработка со Град Скопје, Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за финансии. По целосно комплетирање на изградбата, Пречистителната станица за отпадни води – Скопје, ќе биде во сопственост на и управувана од ЈП Водовод и Канализација – Скопје.

Реализацијата на проектот ќе се одвива во две фази. Првата фаза предвидува обезбедување на пред-третман и биолошки третман на отпадните води до 2030 година, а втората фаза отстранување на азотот и фосфорот од отпадните води што завршуваат во реката Вардар, најдоцна до 2045 година.

Изработката на Физибилити студијата за ПСОВ Скопје е финансирана од Владата на Франција, а Владата на Република Северна Македонија на последната седница ги усвои законите за финансирање на проектот и ги проследи до Собранието.

Вкупната вредност на проектот е 136 милиони евра. Од нив 68 милиони евра ќе се обезбедат со кредит  од Европската инвестициона банка(ЕИБ), 58 милиони евра од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) како и грант средства од ЕИБ преку Economic Resilience Initiative (ERI) во износ од 10 милиони евра. Европската инвестициона банка (ЕИБ), како што неодамна беше соопштено,  веќе донесе одлука за одобрување на грантот од 10 милиони евра.

ЈП Водовод и Канализација – Скопје заедно со сите инволвирани страни Град Скопје, Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за финансии е во постојани преговори за обезбедување и на дополнителни грантови од фондовите на ЕУ, кои ќе бидат дел од проектот.

Оваа ПСОВ ќе опслужува над 500.000 жители. Ова е еколошки проект кој ќе овозможи третман на урбаните отпадни води согласно ЕУ стандардите, а ќе делува и на намалување на загадувањето на реката Вардар.

Ова е само уште еден чекор, со кој ЈП Водовод и Канализација – Скопје, Град Скопје и Владата на Република Северна Македонија покажуваат максимални заложби за унапредување на условите во животната средина, а воедно и за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните на град Скопје.