Заврши проектот за подобрување на медиумската писменост кај пензионерите од М.Каменица и Виница

Старите лица ретко користат социјални мрежи, а информациите главно ги добиваат од традиционалните медиуми како радио и телевизија. Ова го покажале истражувањата од проектот „И старите можат и старите знаат“ кој во изминатите шест месеци со пензионерите од Македонска Каменица го спроведуваа здруженијата „Надеж Норе“ од Македонска Каменица и „ИНИ“ од Виница.

Истражувањата како што информира Марија Ситновска, претседател на ЗГ „Надеж Норе“ покажале дека многу е мал бројот на лица од третата доба кои користат социјални мрежи и имаат медиумска писменост односно се информираат преку интернетот:

-Нашите искуства со досегашните спроведени проекти со стари лица беше дојдено до заклучоци дека медиумската писменост и социјалната инклузија на социјалните мрежи и интернет просторот е мала. За таа цел во претходните шест месеци, преку шест работилници и обуки во рамките на овој проект се работеше на подобрување на медиумската писменост на старите лица како и зголемување на нивното присуство на социјалните медиуми, рече Ситновска.

Освен ова, како што додаде граѓанскиот новинар Зоран Биковски кој беше дел од ова истражување, старите лица ретко знаат да распознаат и лажна вест.

-Преку спроведување на дистинкција што е тоа вест и информација, како да препознаат лажна вест, самите пензионери се информираат за можностите како да комуницираат со нивните блиски, но истовремено да знаат како правилно да ги искористат информациите кои се околу нив. Во денешно време кога сме опкружени со голем број на информации, а ова е уште една можност за постарите лица или за лицата кои не се доволно млади да можат да разговараат , комуницираат ,пласираат информации и за своите блиски и за самите себе, изјави Биковски.

Проектот „И старите знаат, и старите можат“ се спроведува како грант во рамки на проектот “Медиуми за граѓаните – граѓаните за медиумите” чија што цел е Градење капацитети на граѓанските организации за зајакнување на медиумската писменост во земјите од Западен Балкан.

Проектот е финансиран од Европската унија, со грант во во висина од 3980 евра.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *