Нов застој во изградбата на штипската Клиничка болница

Ревидирање на проектот за машинскиот и електронскиот дел, повторно ја забави изградбата на новата штипска Клиничка болница. Државниот секретар за здравство, Владимир Милошев вели дека грчката компанија „Интеракт“ во текот на летото од Министерството за здравство побарала ревидирање на проектот и согласност од Владата. Најави дека наскоро ќе биде разгледан новиот проект за електронскиот и машинскиот дел и ќе се даде дозвола за усвојување и имплементација на новиот проект.

-Според изведувачот, проектот е некаде од 2015 година, со кои се надминати некои технологии, коишто изнудуваат промена на проектот. Тука е суштината на моменталниот застој во реализацијата на изградбата на Клиничката болница. Веруваме дека во најскоро време проектот ќе ги помине филтрите и со една интензивна динамика во 2020 година ќе дојде до завршување на првата фаза од Клиничката болница во Штип, вели Милошев.

Новата болницата треба да чини 30 милиони евра и да обезбеди квалитетни здарвствени услуги за потенцијални 200.000 пациенти од регионот.

За изградбата на новата болница предвидени се пари и во буџетот за 2020 година. Ресорот здравство наредната година ќе има на располагање вкупно 120 милиони евра.

Инаку, ова  е четврти застој на изградбата на болницата во Штип, претходно градежните работи се стопираа поради проблемите со подизведувачот, односно штипски „Бетон“, кој веќе оди во стечај. Во стечајната постапка пријавени се 580 доверители, кои бараат дел од имотот на поранешниот градежен гигант и најголем корисник на тендерите од проектот „Скопје 2014“ .

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *