Домашните и интернационални компании во земјава соработуваат, но тоа не е доволно

Домашните и интернационалните компании во земјава соработуваат, но тоа не е доволно. Потребна е поинтензивна соработка, а за тоа клучни се три фактори и тоа добар квалитет на производот, конкуретна цена и капацитет на производство, покажуваат анализите спроведени од страна на „Finance Think“ и Центарот за управување со промени.

Она што мултинационалните компании го идентификувале како слабост кај домашните добавувачи се недоволниот технолошки капацитет, недоволната имплементација на технички стандарди и производствениот капацитет. Од друга страна, пак, домашните компании сметаат дека странските компании се затворени за соработка и дека нивните политики кои доаѓаат од нивните централи честопати се ригидни.

– Квалитетен производ, добра цена и навремена испорака се клучните фактори за добра соработка меѓу домашните и мултунационални компании, вели Благица Петрески, извршен директор на „Finance Think“.

Препорачува дел од владините мерки да се насочат кон јакнење на капацитетите на домашните компании за технологија и технолошки развој, но и домашните компаниии да ја развијат свеста дека е потребно да инвестираат во технологија и технички стандарди.

Според  генералната директорка на „Комфи Ангел“, Ирена Јакимовска, позитивниот импакт од директните странски инвестиции не е само во делот на намалување на невработеноста, туку поголемиот импакт е она што домашните компании можат да научат од знаење, новата технологија и компоративната култура на странските инвеститори.

– Овде не  се соочуваме со проблем кај странските инвеститори, туку со проблем кај нас, кај домашните инвеститори кои не покажуваме иницијатива, проактивност да научиме повеќе и да го надминеме егото и суетите дека сме најдобри на светот и дека се се движи околу нас. Имено, проблемот треба да си го бараме кај нас и можеби треба да поработиме на еден проблем што го имаме во нашето корпоративно општење, а тоа е менталитетот, изјави Јакимовска во рамки на денешната трибина посветена на соработката меѓу домашните и меѓународните компании во земјава.

Последниот податок од 2015 година покажува дека само 10 проценти од вкупните обврски на странските компании се кон домашните компании што според „Finance Think“ е исклучително низок процент.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *