Претседателот на Собранието Талат Џафери останува на ставот дека откако ќе биде распуштен Парламентот не треба да се свикува за евентуално ратификување на протоколот за членство во НАТО, ако во меѓувреме Шпанија избере Влада и го ратификува. Нема пречки, вели тој, ако ратификацијата во Шпанија се случи во изборниот период, кај нас да биде ратификуван по завршување на изборите и конституирање на новиот парламентарен состав.
Сепак, како што посочи на денешната средба со новинарите, најновите информации говорат дека во Шпанија Владата би можела да биде формирана во наредниот период, а протоколот за членство на земјава во НАТО да биде ратификуван во јануари. Тоа, потенцира Џафери, остава простор во протоколот да биде ратификуван во Собранието на Република Северна Македонија пред биде распуштено заради одржување на изборите.
Распуштен Парламент, вели, не може да се свика без оглед што мандатот на пратениците трае до избор на нови. По распуштањето, потенцира Џафери, не може и не би требало да се врати назад затоа што со Устав е пропишано во случај на потреба кој ги има надлежностите, а тоа е претседателот на државата до избор на нов парламентарен состав.
Тоа според него се околности кои ги пропишува Уставот и не се предмет на толкување.
Изборите треба да се одржат на 12 април, а Собранието да се распушти на 12 февруари односно на 60 дена пред нивното одржување.