Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов како и генералниот секретар на СДСМ и пратеник во македонското Собрание Александар Кирацоски денеска присуствуваа на одбележувањето на зимскиот празник на Свети Атанасиј, што традиционално се одржува во и околу манастирската црква Свети Атанасиј на Балтепе во тетовското кале.
Чествувањето започна утрово кога протоерејот Дарко Наумовски од тетовското арихиерејско намесништво отслужи празнична утрена и божествена литургија а потоа изврши мал водосвет и ги прережа кумските колачи.
Убавото и суво време им овозможи на тетовци масовно како и секоја година да се соберат и да го прослават зимскиот празник посветен на овој православен светец. Во црквата секоја година има кумови кои ја подготвуваат празничната трпеза додека тетовци традиционално со подготвување на скари во близина на манастирската црква го прославуваат овој ден. Народната веселба трае до доцна во денот без разлика на временските услови.
– Над триесет години на овој ден доаѓам на Балтепе и се надевам дека и нашите поколенија ќе продолжат со оваа убава традиција, рече Стојан Младеновски.
– Традиционално секоја година со другарите веќе речиси триесет години доаѓаме за одбележување на овој празник без разлика како е времето. Еве годинава е убаво но имало години и со метар и половина снег па со лопати сме чистеле. Така е традицијата ќе запалиме свеќа во црквата, а потоа се собираме околу оганот на скара и пиење, вели Тодорче Иванчески.
Освен на Балтепе празникот посветен на овој светец во тетовско се одбележува и во селата Седларце, Брвеница, Требош и Ратае каде исто така има цркви посветени на свети Атанасиј.