Тутунопроизводството – иднина или можни алтернативи

Наутро стани во 3:30 часот. Сади, копај, бери, пеглај тутун. За да се сработи, за да има пари за семејството. Вака е со децении во Прилепско кога станува збор за тутунопризводството. Генерации прилепчани пораснале и созреале со фактот: тутунопризводството е мачно, пред години неисплатливо, ама во последно време може да се смета на приходот од ова земјоделско производство.

Колку е исплатливо тутунопроизводството и дали има алтернатива за него е прашање за бројните производители не само во Прилепско, туку и во земјава. Над 30.000 македонски семејства егзистираат од ова индустриско производство. Над половина е во Пелагониско, а најголем дел е во прилепско-долненскиот крај. Според најновите показатели, од околу просечните 25.000 тони производство во земјава, над 17.000 се од пелагонискиот крај, над 10.000 илјади во Прилепско. Поточно, околу 7.000 тони произведен тутун е во Долненско, останатото е во Прилепско.

Деновиве почна откупот на тутунот од годинашнава реколта. Надлежните, од Министерството за земјоделство, тврдат дека за шест отсто е поголемо производството годинава, во споредба со ланските произведени околу 25.000 тони.

Тутунопроизводството држи квантитативно ниво, а годинава и висококвалитативно. Со субвенциите од, моментално, 80 денари за прва, 70 денари за втора и 60 денари за трета и за останатите класи, за тутунарите е исплатливо. Деветте откупувачи во земјава ќе „водат битка“ за да привлечат поголемо производство во своите хали. За тоа индикативно е што откупот почна во почетокот, по 15 ноември, иако крајниот, законски, рок е 15 декември.

Во секој случај има побарувачка на тутун на пазарот, а тутунарите се надеваат на високи откупни цени. Заемна корист. Така размислува долгогодишниот тутунопроизводител Ристе Младеноски, кој го донесе својот род на вагата во прилепскиот Тутунски комбинат.

– Цел живот произведувам тутун. Имам 2 тона тутун, донесов за процена. Досега процената е прва и втора класа. Лани постигнав просечна цена од 250 денари за килограм, годинава, поради повисокиот квалитет, очекуваме повисока цена, вели Младеноски додека чека процена на вагата на откупниот пункт во Прилепскиот тутунски комбинат.

Според Муса Ибраимоски, претседател на тутунското здружение „Златен лист“ од Долнени, каде што годинава се очекува род од околу 7.000 тони, над 60 отсто од родот треба да помине во прва класа, што е одлично за тутунарите, зашто ќе добијат и поголеми субвенции.

– Оваа година имаме квалитетен тутун, двојно поквалитетен. Во земјава се очекуваат околу 25.000 тони. Лани просечната откупна цена беше 217 денари, а годинава, поради високиот квалитет, очекуваме просечната цена да не биде под 250 денари за килограм. Околу 60 отсто од тутунот е прва класа. Секако, откупувачите ќе сакаат да приберат кај себе повеќе од родот поради квалитетот. Многу добро ќе им дојде на тутунарите зашто ќе земат повеќе субвенции за прва класа, кои се 80 денари од килограм откупен тутун, објаснува Ибраимоски.

Ако во прилепскиот Институт за тутун, единствената научна институција во земјава што научно „ги вага“ условите и карактеристиките на сортите тутун, битни во светското производство на цигари, особено ароматичниот, ориентален тип „прилеп“, во меѓувреме тутунарите калкулираат за исплатливоста на тутунопроизводството. Во моментов е исплатливо, особено со субвенциите што овозможуваат чист приход. Но, полека поради различниот интерес на новите генерации, кои не сакаат премногу физичка, земјоделска работа, а повеќе преферираат „физичка“ работа во странство поради поголемата заработувачка, полека производството се сели во руралните средини.

За тутунот, како земјоделска култура, физички мачен за обработка и за производство, потребна е голема повеќемесечна ангажираност, па го намалува интересот кај младите генерации. Особено во градот.

– Постепено, тутунопроизводството се префрла во руралните средини. Младите од градот, посебно во Прилеп, не ги привлекува тутунопроизводството, оставаат да остане во генерациското наследство, а тие создаваат нови интереси. Затоа производството постепено се сели во руралните, селските средини, анализира Муса Ибраимоски, претседател на тутунското здружение „Златен лист“ од Долнени, додавајќи дека ако во Пелагониско има над 17.000 тони тутунопроизводство, над 7.000 се во Долненско, останатите количества се распределени во регионот, најмалку во градската средина.

Генерациите прилепчани, констатираат, од искуство: површините што долги години биле засадени со тутун, тешко може да бидат економски исплатливи засадени со други култури одеднаш.

Тутунот е стратегиска култура што годишно на државата ѝ носи над 100 милиони евра приход. Од друга страна се притисоците на Светската здравствена организација. Од трета е егзистенционалната потреба за производство, што им носи доход на над 30.000 семејства во земјава.

Тутунот е потребен за економски профит, за традиционалноста, но дали има алтернатива. Тоа прашање се отвора и лебди во пелагонискиот ареал.

Одговарајќи на ова прашање, актуелниот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димовски вели има истражувања, но сè е експериментално.

– Не може да се прави паралела дали медицинската марихуана или друго производство е алтернативата за тутунот. За сѐ решаваат тутунарите. Инаку, со Европската Унија спроведуваме проект за алтернатива за тутунот. Тука е растението стевија, увезено од Шпанија, но ќе треба да се анализираат податоците од почетните површини засадени со ова растение, рече Димовски поддржувајќи го годинашниов почеток на откупот на тутунот.

Додека е успешно тутунопроизводството, додека над 30.000 семејства од земјава егзистираат од него, додека има побарувачка на пазарот и откупувачите се на теренот да приберат колку што е можно поголеми количества во земјава, тутунот има алтернатива за егзистенција. Со моменталното производство и поддршката од државата со субвенции, тутунопроизводството си обезбедило иднина. Проектите и „експериментите“ за нови земјоделски култури се засега само тоа – проекти и експерименти. Тутунот останува на нивите, главно во прилепско-пелагонискиот крај. И како егзистенција и како заработувачка. Особено годинава, очекувањата се големи поради висококвалитетната реколта, за многу тутунопроизводители и здруженија, незапамтена со децении.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *