„Охрид СОС“ бара државата да ги информира граѓаните за препораките на УНЕСКО

Република Македонија до утре треба да го поднесе Извештајот за напредок во имплементацијата на препораките од здружената Реактивна мониторинг мисија на Центарот за светско наследство, IUCN и ICOMOS, како процедура што државата треба да ја спроведе за да не се загрози статусот на Охрид како светско наследство на УНЕСКО.

Станува збор за рок што Комитетот за светско наследство на УНЕСКО ѝ го зададе на Република Македонија согласно одлуките усвоени на 41-та сесија на Комитетот за светско наследство одржана во Краков, Полска во јуни 2017.

Во посочениот рок Република Македонија беше задолжена да спроведе редица активности во насока на заштита на Охрид и Охридското езеро како светско културно и природно богатство, меѓу кои трајно отфлање на планот за изградба на ски-центар во Националниот парк „Галичица“, за изградба на планираниот експресен пат низ паркот, прогласување мораториум на сите градежни модификации на крајбрежјето и урбаното подрачје во рамките на Светското наследство, сè додека не се изработат сите релевантни плански документи, изработка на темелна проценка за утврдување на заштитната зона на Светското наследство, иницирање Стратешка оцена за влијанието врз животната средина за Планот за управување со охридскиот регион за периодот до 2025 година.

Исто така, во забелешките на Комисијата беше нотирано и дека при изработка на СОЖС, строго да се внимава на кумулативните влијанија од било какви инфраструктурни проекти (крајбрежни и урбани) врз регионот, а истата да биде поднесена до Центарот за светско наследство пред да се преземат било какви одлуки кои би биле непоправливи.

Препораките предвидуваат и стопирање на процесите на легализација на бесправно изградените објекти сè додека не се направи нивна евиденција и не се изработи оцена на влијанието врз природното и културното наследство на сите нелегално изградени објекти, ригорозна примена на законите за да се спречи секакво нелегално градење.

Истовремено, од државата се бара вклучивање на локалната заедница и невладините организации кон вистински партиципативен приод кон управувањето со Светското наследство.

Граѓанската иницијатива „Охрид ЅОЅ“ бара од државата да ги информира граѓаните на Република Македонија за случувањата во врска со посочениот извештај, имајќи ги предвид потенцијалните негативни последици по статусот Светско наследство на Охрид доколку предвидените мерки не бидат спроведени на начин како што препорачаа експертите на УНЕСКО.

„ОХРИД СОС“ очекува целосно и транспарентно објавување на Извештајот и формално образложение за мерките што се преземаат како на Охрид долгорочно би му се гарантирал статусот на Светско природно и културно наследство, стои во барањето на иницијативата.

Тричлена експертска комисија на УНЕСКО во април минатата година престојуваше во работна посета на Македонија и на Охрид, каде изврши увид во спроведените активности на терен и изврши проценка колку се почитуваат нивните препораки за обемот на градежните зафати и нивното влијание врз животната средина и културното наследство.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *