Општина Битола ја утврди годишната програма за изработка на урбанистички планови и урбанистичко плански документации на подрачјето на општината за 2018 година.
Од општина Битола информираат дека годинава главен програмски акцент е ставен на урбанистичкото планирање во функција на стопанскиот развој на градот, а во зависност од заинтересираноста на инвеститорите, финансиски средства ќе бидат насочувани и за други активности од сферата на урбанизмот и просторното планирање.
Според програмата, детални урбанистички планови-ДУП ќе бидат изработени за Градска работна зона јужно и северно од патот Битола-Новаци, индустриска зона „Блок-Битолатекс“, индустриска зона „Жито Битола-Транскоп’, комплекс на сервиси и мало стопанство „Запад 1“, индустриски блок „Квасара-Шеќерана-Пивара“, индустриска зона „Гегов бунар“ и стопански комплекс кај местото викано „Кутлишта“.
Општина Битола ќе урбанизира и вон населено место и согласно програмата предвидено е донесување урбанистички планови за стопанскиот комплекс кај местото викано „Калдрма“, потоа местото викано „Плоча“ во непосредна близина на селото Драгожани, како и местото викано „Мера“ во атарот на селото Дихово.
Програмата за урбанистички планови и урбанистичко плански документации на подрачјето на општина Битола содржи и локална урбанистичко планска документација со која се овозможува изградба на полигон за обука на возачи кој ќе се наоѓа во катастарската област Горно Оризари, а општи урбанистички акти во текот на годината ќе бидат донесени за селата Бистрица, Кукуречани, Кажани, Ротино и Драгарино.
Финансирањето на изработката на урбанистичките планови ќе се врши од буџетот на општина Битола, средства на заинтересирани правни и физички лица чии програмски барања и подрачја на интерес се прифатливи за општината, како и со средства од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.