Орце Ѓорѓиевски: Власта спроведува партиско-политичка чистка во МВР

Овие документи кои што ги држам се најдобриот доказ дека Зоран Заев и Спасовски во МВР спроведуваат партиско-политичка чистка. Не ги интересира ниту ветинг, ниту систем на кариера. Нив само ги интересира инсталирање на послушници се со цел да го заштитат криминалот кој сами го правеа, но и криминалот на нивните соработници.

Затоа, како што кажавме, оние кои работат по закон, а не по политичките наредби на Спасовски, се целосно деградирани и шиканирани. Спасовски и Заев ги казнуваат со незаконско прераспоредување, во најголем број од случаите и многу подалеку од местото на живеење.

Ова пред малку што ви го покажав е една пресуда, донесена пред две недели со која наредбите на Спасовски се прогласени за незаконски, бидејќи со нив се повредуваат правата од работниот однос. Со судска одлука на МВР му се наложува да го врати тужителот на претходното работно место. За целиот процес МВР треба да исплати 60 000 денари.

Во вториот случај, имаме мислење од народниот правобранител , според кое се злоупотребува институтот „НАРЕДБА“. Само да напоменеме дека полицискиот службеник кој се жалел е распореден на оддалеченост oд приближно 200 километри кои треба да ги минува секој ден во два правци. Дури и внатрешната контрола да го покрие срамот и да спречи поскапи судски процеси констатира дека наредбите се незаконски. По предметот постапувал и државниот трудов инспекторат.

Вакви тужби и предмети има стотици и илјадници. Спасовски свесно и намерно ја крие бројката бидејќи не сака да се дознае и колкава материјална штета му предизвикува на МВР, освен што целосно го урниса угледот и ефикасноста на оваа институција. Милиони евра на годишно се трошат само заради желбата за одмазда и намерата полицијата да се претвори во партиски орган на СДСМ.

Ваквото однесување на Спасовски и неговите послушници не смее да мине неказнето. После 12 април правото и законите ќе важат подеднакво за сите и никој нема да може да избега од одговорноста.

Затоа, ги повикуваме и ги охрабруваме сите чесни професионалци во МВР кои се нашле на удар на Спасовски изминативе недели, месеци и години да не се разочаруваат и да бараат правда. Тие треба да тужат и да се борат за сопствените права. Правните тимови на ВМРО ДПМНЕ им стојат на целосно на располагање.

Молкот вообичаено значи одобрување, но молкот на Заев и Спасовски во врска со скандалозната систематизација и скандалозните вработувања пред избори, значи признание. Признание дека ја немаат поддршката на граѓаните, дека губат и дека се подготвени да направат се само за да ја намалат разликата. Подготвени се да го изиграат договорот од Пржино и да ја доведат во ризик безбедноста на изборите.

Затоа повторно предупредуваме да се откажат од плановите за нова систематизација и нови вработувања на  само еден месец пред формирање на техничка влада. Единствено што ќе постигнат е тоа што нивните послушници и соработници ќе ги вовлечат во криминал за кој што подоцна ќе одговараат. Претстои обнова на Македонија после 12 април.