Загадувањето, отпадот и несоодветната понуда негативно влијаат на туризмот

Аерозагадувањето, отпадот, несоодветната туристичка понуда и нелојалната конкуренција влијаат врз развојот на туризмот. Туристичките работници бараат системски мерки од надлежните институции и долгорочна кампања за подигнување на јавната свест за фрлање отпад и поголема ажурност од комуналните претпријатија и општините. Велат дека во зимскиот период и да нема туристи во државата.

Претседателот на Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори Владимир Граматиков вели дека не може да развиваме туризам, ако екологијата е на ниско ниво.

– Насекаде околу нас има отпадоци, полни контејнери и ѓубре наместо жарденери со цвеќе. Промовираме планински туризам и доаѓаат странски туристи кои уживаат во убавините на планините, но отпадот кој го има насекаде останува трн во око. Ова е срамно за една држава која сака да се етаблира во регионот како добра туристичка дестинација. Туристите кога ќе ги прашаме за нивните импресии велат дека се задоволни од храната и гостопримството, но велат дека многу е валкано и оти мора да работиме на екологијата, истакна Граматиков на денешната прес-конференција.

Аерозагадувањето, според него, остава лош впечаток бидејќи туристите кога доаѓаат во земјава, не знаат за загадувањето, но потоа кога се враќаат во сопствените држави, тоа го пренесуваат и сето тоа негативно се рефлектира на следните тури што треба да дојдат.

Во однос на нелојалната конкуренција, туристичкиот сектор бара поголема контрола на терен од страна на државата бидејќи велат има случаи кога водичи и транспортери изигруваат туристички агенции.

– Тоа државата не го санкционира на терен, ниту пак има решение во моментот. Од осамостојувањето досега ние немаме алатка како да го решиме ова, вели Александар Кузмановски од Националната асоцијација за дојдовен туризам.

Од друга страна, нема атрактивна туристичка понуда, а за дозвола за преадаптација на туристички комплекс, како што посочија, се чека дури и по пет години.

– Немаме туристи затоа што немаме адекватна понуда. Во Охрид на пример хотелите се соочуваат со сериозни проблеми и чекаат за дозвола од Министерство за транспорт и врски повеќе од пет години за да можат да направат определени промени или спа центари за да имаме продукт зимско време. Ова е еден од проблемите, нагласи Кузмановски, додавајќи дека има и недоволно инвестиции во зимските туристички центри.

Сметаат дека треба вниманието да се сврти и кон агенциите што носат туристи во државата бидејќи тоа би значело зголемен број туристи, поголем прилив на средства и развој на економијата.

На 12 и 13 декември во Скопје ќе организираат конференција на која ќе ги понудат своите решенија за надминување на сегашните состојби во туризмот.