Рускиот амбасадор во ЕУ Владимир Чижов го поздрави противењето на францускиот претседател Емануел Макрон кон проширувањето на унијата, што покажува како Кремљ ја користи „деструктивната политика“ на францускиот претседател за истакнување на поделбите меѓу европските сојузници, пишува весникот „Фајненшл тајмс“.
Според Чижов, Макрон има „причина“ кога вели дека ЕУ треба прво да се справи со тензиите меѓу своите земји членки, пред да почне преговори за пристапување со Северна Македонија и Албанија.
– Претседателот Макрон има причина кога вели дека ЕУ прво треба да се справи со сопствените внатрешни прашања пред проширувањето на унијата. И се разбира, објективно гледано, да се каже дека и Северна Македонија и особено Албанија се подготвени за членство би било грубо претерување, со сета почит кон двете земји, вели Чижов, кој е на функцијата од 2005 година, во интервју за „Фајненшл тајмс“.
Весникот наведува дека неодамнешните коментари на Макрон за проширувањето и „клиничката смрт“ на НАТО предизвикале остри критики од некои сојузници, поради претставуањето на Европа како слаба, додека други го поздравија неговото директно соочување со фундаменталните проблеми.
Во интервјуто, Чизов, одбива да коментира „конкретни зборови“ изнесени од Макрон, но вели дека францускиот претседател „како што јас разбирам … искажа одредена загриженост која што ја имаат многумина во земјите членки на НАТО“.
– НАТО … во смисла на изјавата на претседателот Макрон, има многу за разговарање во помал формат на самитот во Лондон следниот месец. Сите знаеме што кажа претседателот Трамп за НАТО во различни фази од неговото претседателство, вели Чизов.
Коментарите на Чизов, според весникот, дополнително ќе го разгорат гневот кај некои земји во Европа кои сметаат дека ставовите на Макрон го поткопуваат кредибилитетот на НАТО и на ЕУ, вклучително и во однос на Русија.
– Европската унија, според мое гледиште, самата се стави во ќош со својата политика кон Русија. И бројот на луѓе и политички лидери, кои го разбираат тоа, се повеќе се зголемува, заклучува Чизов.
Тој нагласува дека „трпеливо го чекал“ моментот кога некои земји од ЕУ ќе „соберат храброст да прозборат“ против продолжување на санкциите кон Русија, истовремено изразувајќи надеж дека обидот на Макрон и Финска за подобрување на односите со Русија е сериозен и суштински.