Од година во година забележливо се зголемува бројот на здравствени работници кои ја напуштаат земјата и заминуваат на работа во странство. Главната причина се драстично повисоките плати, подобрите услови за работа и живот, како и напредување во струката. Овој тренд на прв поглед се чини дека е позитивен, бидејќи економски развиените држави во Западна Европа нудат многу подобри можности за квалификуваните медицински кадри, но од друга страна здравствениот систем се повеќе се соочува со сериозен недостиг на специјалисти.
Според податоците од Лекарската комора, изминатата година, 170 доктори специјалисти земале потврди за работа во странство, а во последните три години нивниот број изнесува 513. Од 2013 година, досега, 810 доктори специјалисти земале потврди за работа во странство. На годишно ниво, тој број се движи од 140 до 172 доктори специјалисти. Од Лекарската комора информираат дека главно заминуваат млади лекари.
– За оваа популација тоа е бројка која не е нешто што може да се занемари. На крајот на краиштата, не е само луѓето што ќе заминат. Прашајте колку од нас сакаат да си отидат, колку од нас се уморни од тоа што ни беше наметнато под еден сериозен притисок. Старосната граница на матичните доктори, на докторите – гинеколози е веќе 58 години. Тоа значи дека за шест години голем број од луѓето кои го работат и го држат системот ќе одат во пензија. A кој ќе ги замени, вели претседателот на Лекарската комора на Македонија, д-р Калина Гривчева Старделова.
Таа смета дека младите доктори кои приватно ја плаќаат специјализацијата, можат да ги задржат само ако им се понуди плата во текот на специјализацијата.
Министерот за здравство Венко Филипче, пак, информира дека се обезбедени средства за: вработување на 348 приватни специјализанти, кои ќе земаат плата во висина на минималната плата, гарантирана за општ лекар, за зголемување на платите за пет отсто на сите здравствени работници во втората половина на 2018 година, како и дополнителен износ на средства за дежурствата за докторите и сестрите во Клиничкиот центар и во сите болници во државата, посебно за хирурзите кои веќе имаат зголемување.
Според податоците од Хелтгрупер, меѓународен проект за размена на информации од здравството инициран и почнат во Бугарија, Словенија, Унгарија, Македонија, Србија и Албанија, условите за работа се главната причина за заминување на лекарите од Македонија и од регионот.
– Докторите се незадоволни од можноста за професионален напредок, статусот во општеството и од платата. Тие сметаат дека немаат мотив за да останат во Македонија. Оние кои веќе заминале во странство немаат намера да се вратат во Македонија. Младите лекари се жалат на неможноста за вработување, освен по партиска линија. Уште пред завршувањето на студиите тие подготвуваат документи да заминат во странство. Дури и оние кои се на специјализација, велат дека специјализираат за да заминат во странство, информира Јана Мелоска Петрова од Хелтгрупер.
Меѓу здравствените работници кои ја напуштаат земјата и заминуваат на работа во странство има и медицински сестри.
Претседателот на Здружението на медицински сестри, техничари и акушерки на Македонија (ЗМСТАМ), Велка Лукиќ тврди дека медицински сестри одлучуваат да ја продолжат својата професионална кариера во развиените европски земји, а како мотив ги наведува месечните приходи, но и напредокот во кариерата и можноста за стекнување со највисок степен на образование магистер или доктор по сестрински науки.
– Просечните месечни приходи на медицинските сестри во земјите во ЕУ се околу 2.200 евра за работно време на 38 часовна недела без додатоци за дежурства и смени кои се платени одделно. Во Република Македонија просечната плата на медицинската сестра е под просечната плата на државата, посочи Лукиќ.
Според неа, треба да се поработи на Законот за медицински сестри во кој се регулирани задачите и обврските на сестрите како професија во однос на формална и неформална едукација, вештини, знаења, стандарди и нормативи за работа. Во последната публикација „Health at a Glance“ на Советот на Европа од 2016 година, посочи таа, има податок дека просечната стапка на медицински сестри на 1000 жители е 8.4, а во Македонија овој просек е 4.0.
– Во однос на соодносот доктор-сестра просечната стапка во земјите на ЕУ е 2,5 медицински сестри на еден доктор, а во Македонија овој сооднос е 1,4 сестри на еден доктор. Овој сооднос укажува на тоа дека медицинските сестри се дефицитарен кадар во јавното здравство, се преоптоварени со работни задачи и е потребно да се размислува за зголемување на нивниот број, како и достигнување на европскиот просек. Сето тоа поткрепено со законска регулатива за статусот на сестрите, како и зголемување на платите ќе придонесе за зголемување на квалитетот на пружените услуги, како и задоволството на медицинските сестри во однос на статусот во општеството, нагласи Лукиќ.
Со одлив на медицински кадар кој заминува во странство се соочуваат и Србија, Албанија, Црна Гора, Босна и Хецерговина, Хрватска, Бугарија и Романија.
Според податоците од Хрватската лекарска комора, за три ипол години земјата ја напуштиле 525 лекари од кои најголем број се специјалисти. Од нив најголем број се анестезиолози, а потоа следат интернисти, психијатри, радиолози, гинеколози и општи хирурзи и лекари по општа медицина.
Тие најчесто заминуваат во Германија, Австрија, Велика Британија, Ирска и Шведска, а како една од поглавните причини за овој проблем се наведува правилникот за специјализација со кој на специјализантите им се укинала обврската да се вратат во болницата или во здравствениот дом, кој им давал плата за време на специјализацијата, со што им се овозможува да заминат со значително помала отштета.
Лекарската комора на Србија, пак, според податоците, годишно издава околу 800 сертификати за добра практика кои им се потребни на лекарите за да работат во странство. Се посочува дека половина од нив заминуваат за да работат во странство, а половина, сертификатите ги бараат за да работат привремено за месец или два, во рамки на разни студиски програми и пракса.
Од условите за работа не се задоволни и лекарите во Бугарија. Според податоците од Лекарската комора на Бугарија, просечно 450 лекари, годишно ја напуштаат земјата. Во таа бројка се вклучени и специјалисти. Според бугарските здравствени експерти, ако не се сменат условите за работа во Бугарија и не се создаде стимул за докторите да останат во земјата, во наредните пет шест години, Бугарија ќе се соочи со огромен проблем, бидејќи просечната возраст на лекарите е 55 години.
Исто така, минатата година, 350 лекари од Босна и Херцеговина, 130 од Албанија и 20 лекари од Црна Гора заминале на работа во земјите од Западна Европа. За само две ипол години, Албанија ја напуштиле 400 лекари од општа пракса и специјалисти. Според медиумите во Романија, голем број лекари и медицински сестри ја напуштиле земјата во последните неколку години.
Здравствените експерти посочуваат дека доколку државите не најдат решение за проблемот со заминувањето на здравствените работници во странство, се стравува дека нивните здравствени системи ќе се соочат со уште поголеми прeдизвици во непосредна иднина.