Управата за заштита на културното наследство (УЗКН) утре пред стручната и пошироката јавност ќе ја презентира подготвената Годишна програма за одбележување на Европската година на културното наследство 2018.
Со одлука на Европскиот парламент и Советот на Европската Унија, 2018 година беше прогласена за Европска година на културното наследство. Целта на иницијативата е да го промовира значењето на европското културно наследство и да ја зајакне свеста за заедничката европска историја и вредности.
Активностите и проектите на земјите членки на Унијата во рамките на оваа иницијатива ќе опфатат неколку теми со посебно внимание на вклученоста на населението од најразлична возраст во зачувување на културното наследство, одржливоста на културното наследство во процесот на транзиција и во туризмот, зачувување на културното наследство, со акцент на зачувување на културното наследство во опасност и иновација во насока на подобрени вештини на професионалците од областа на заштитата на културното наследство, како и на сите оние кои се вклучени во неговото зачувување и презентација.
– Иако Република Македонија сè уште не е полноправна членка на Европската Унија, сепак Управата за заштита на културното наследство го препозна значењето на дадените рамковни теми на Годината, кои се блиски до нејзините заложби и изготви Програма под слоганот „Нашето наследство – европска вредност“ и мотото „Кон споделена одговорност за заштитата на културното наследство“. Во рамките на оваа Програма во текот на 2018 година Управата ќе организира серија активности и настани за едукација, заштита и популаризација за нашето материјално и нематеријално културно наследство коишто ќе бидат презентирани на настанот, соопшти Управата за заштита на културното наследство.