Познатиот грчки експерт за Балканот, Ставрос Ѕимас, во авторски текст во весникот „Катимерини“ пишува за можноста од домино ефект во регионот доколку не успеат преговорите за името на Македонија и изразува стравување од можна поделба на Македонија меѓу соседите Албанија и Бугарија.
– „Што ќе се случи доколку, да претпоставиме, се „замрзнат“ преговорите за името? Дали оваа земја ќе продолжи да го користи името Поранешна Југословенска Република Македонија, со кое е примена во ОН и со кое ја прифативме и ние, Грците. Пред меѓународните организации таа ќе продолжи да се нарекува БЈРМ и да фигурира под името „Република Македонија“ во нејзиниот однос со речиси 120 држави, кои веќе ја признале под уставното име и кои најверојатно ќе бидат и повеќе“.
„Што ќе добиеме доколку не отидеме на компромис за сложено име? Ќе останеме национално горди, зашто не „сме го продале името“, а доколку сојузниците на самитот во јули го поканат Скопја да поднесе барање за членство во НАТО и тоа се случи со нејзината денешна рефернца ПЈРМ, ние ќе ставиме вето, ќе славиме, а Американците и европејците ќе бараат начини да не заобоколат и ПЈРМ ја качат на нивната кочија“, смета авторот.
Тој, исто така, анализира дека доколку Скопје прибегне кон вето пред Меѓународниот суд во Хаг, тогаш е можно група земји да поднесат барање во ОН со цел да се ддобие конечното име за ПЈРМ и резултатот од тоа да биде шлаканица за Грција.
– „Доколку тоа не се случи, има и други полоши нешта – да падне владата на Зоран Заев, земјата да потоне во интровертност, да се активира етничкиот судир меѓу Албанците и славомакедонците, да се активираат центрифугалните сили, а Албанците и славомакедонците да бидат потиснати кон Тирана и Бугарија“, вели Ѕимас.
Според него, картата на Балканот се менува долж нивната северна граница, првично де факто, а потоа и де јуре, во зависност од настаните и процесите. На тој начин се создава една Голема Албанија и една Голема Бугарија, Србите и Турците се конфронтираат, ние брзаме да му „помогнеме“ на малцинството од 700.000 Грци во ПЈРМ, како што кажаа говорниците од митингот во Солун, и потоа се придвижува кошмарниот домино ефект. Во тој случај, што ќе правиме ние, Грците. Почнуваме да ги колнеме странците за тоа дека ни се нафрлиле, бараме етнички предавници и гордо одиме кон амбисот. Можеби тоа е згодно за оние кои не сакаат да сфатат што се случува надвор од нивниот сопствен дом, смета Ставрос Ѕимас.