Во прва официјална посета на Општина Чашка денеска пристигна повеќечлена делегација од Општина Чили, збратимена општина од Р.Турција предводена од градоначалникот Селим Утку Ѓумуркчу.
Целта на посетатата е да ги посетат своите родни огништа и да разговараат со градоначалникот на Општина Чашка Горан Стојановски како да го превземат управувањето со хотелот во Горно Врановци, што петнаесетина години стои руиниран и запуштен, но и за можноста за отворање економска зона и други проекти во општината, за што би инвестирале бизнисмени од Турција, пред се иселениците од Горно Врановци.
Инаку, првичната идеја е хотелот да се пренамени во турска куќа каде ќе престојуваат иселеници од Горно Врановци и да биде место за одмор и воздушна рехабилитација на сите кои ќе сакаат да дојдат од Турција и да престојуваат во Горно Врановци.
– По враќање во Чили целата документација за хотелот во Горно Врановци и економската зона, ќе ја презентираме пред нашите бизнисмени. Се надеваме дека тие ќе ја прифатат нашата идеја за хотелот и за другите планови,информира градоначалникот Ѓумуркчу и изрази надеж дека во иднина двете општини ќе направат големи и успешни проекти.
За градоначалникот на Општина Чашка Горан Стојановски ова е историски ден за општината бидејќи, како што рече, првпат во посета им е градоначалникот на збратимената Општина Чили и неговиот заменик,како и делегација на Општината и Советот и претставници на иселениците кои потекнуваат од овој регион,односно од селото Горно Врановци.
Делегацијата од Општина Чили ги посети и историските спомен куќи од НОВ во селото, а потоа и блиското село Мелница каде живеат исто така Македонци муслимани.
Се очекува делегацијата на Општина Чили, утре да оствари средби и со владини претставници, а во наредните денови да ја посетат и куќата на Кемал Ататурк во Битола.
Инаку, во општина Чили, во две населени места Мелтепе и Јинимахале живеат најмногу Македонци муслимани исселени од Горно Врановци, а во поширокиот регион на Измир има и над 40 илјади Македонци муслимани од Горно Врановци.