Претседателот на Комисијата за европски прашања на македонското Собрание Артан Груби, се срена со австриската амбасадорка Ренате Коблер, на која ја информирал дека владината коалицијата работи посветено на реформите со цел во Годишниот извештај за земјата во април, да биде тргната условеноста на препораката за почеток на преговори за наше членство во ЕУ, а во јуни Советот во Софија да ја потврди оваа препорака.
Тој потсетил и дека во таа насока Собранието го ратификувало Договорот за добрососедски односи со Бугарија, усвоило многу од реформските закони, како и дека во тек се преговорите за решавање на спорот со името со Грција, и оти се заокружува нормативниот дел на Охридскиот рамковен договор.
– Груби истакна дека Македонија очекува во текот на австриското претседавање почеток на отварање на поглавјата. Во врска со случајот со законот за јазиците, посочи дека опозицијата продолжува се деструктивната политика и за жал е останата заробена во бремето на своето скоро неславно минато покажувајќи некомпатибилност и неразбирање на денешницата и очекувањата на граѓаните, информираат од Комисијата.
Груби додал дека државата е пред големи историски предизвици и има потреба од одговорна опозиција.
Амбасадорката Коблер информирала за подготовките за австриското претседавање со ЕУ, кое започнува во втората половина на годинава, при што ја потврдила поддршката на Австрија за евроинтегративните процеси на Македонија, како и на останатите земји од Западен Балкан.
Таа истакнала и дека Австрија ќе ја продолжи политиката за проширување на ЕУ со земјите од овој регион, со што државите ќе се зајакнат,а со тоа и цела ЕУ.