Во здравствените домови се вработуваат 134 млади доктори и медицински сестри од кои 50 во ЗД Скопје

 На ниво на целата држава во сите здравствени домови вработуваме 134 млади доктори и медицински сестри од кои 50 во Здравствениот дом во Скопје од кои 43 медицински сестри и седум доктори. Ова денеска го изјави министерот за здравство Венко Филипче на промовирањето на медицинските сестри вработени со мерката за подобрување на патронажните сервиси во Здравствениот дом Скопје, кои почнуваат со шест месечна работа и им посака успешен почеток во работењето.

Посочи дека станува збор за млад кадар, кој сега ќе има можност во здравствените домови на ниво на примарна здравствена заштита, да учи, да стекнува искуство под менторство во вакциналните пунктови, во Итната медицинска помош и во патронажните сервиси.

– Со ова прво сакаме да постигнеме младите здравствени работници да бидат финансиски стимулирани и иднината да ја бараат во нашата земја, понатаму да го стекнат потребното искуство на почетокот на нивната кариера под менторство и контрола на многу искусни кадри и третата работа е да ја го зајакнеме нашиот здравствен систем во еден сегмент, кој ќе значи приближување на здравствената услуга кон пациентите во домашни услови или блиску до домот доколку има амбуланти во кои порано функционирале или имало медицински тимови, а сега не постојат со цел значајно да се олесни пристапот до овие здравствени услуги, рече Филипче.

Дополнително на целиот овој проект, потенцира, во период кој следи согласно последната мерка за ослободување на аптеките од квотите на овие мобилни патронажни сервиси ќе се приклучи и мобилната аптека за што се прави распоред во Министерството за здравство, со цел пациентите посебно хроничните болни и потешко подвижните не само здравствената услуга, туку и лековите да ги добијат во домовите или блиску до нивните домови.

Додаде дека станува збор за мерка која ќе значи зајакнување на овој систем насекаде во државата, има свои специфики – распоредот на тимовите во градот и во оддалечените и руралните места околу здравствените домови каде има општи болници со проширена дејност, општи болници или клинички болници и за сите веќе е направен распоред и во периодот кој следи ќе бидат на терен заедно со своите поискусни колеги.

Директорот на Здравствен дом Скопје, Виктор Исјановски рече дека за граѓаните во Скопје и околните населени места ваквиот проект со ангажирање лекари и патронажни сестри е од исклучително значење, затоа што ќе ги зајакнеме капацитетите во примарната здравсттвена заштита.

– Лекарите во почетокот ќе бидат ангажирани во Итната медицинска помош под надзор на ментор, а патронажните сестри ќе бидат прераспределени во патронажните и превентивните пунктови во Здравствениот дом Скопје, во поликлиниките во Чаир, Ченто, Бит Пазар, Драчево, Јане Сандански и во Ѓорче Петров. Ова е еден голем придонес и двојно ќе ги зголемиме капацитетите во однос на патронажните служби, додаде Исјановски.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *