ДОМ: Остануваме доследни во борбата против отворање рудници

Намерата за експлоатација на бакар, злато и сребро во Плавица и Црн Врв, општина Кратово и Пробиштип, на инвеститорот ДПТ Силген Ресурсис Интернешнл, објавена на 30.09.19 од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање, предизвикува загриженост и револт кај граѓаните.

Согласно демократските принципи граѓаните имаат право јавно да го изнесат својот став, а локалните советници се должни да ги застапуваат интересите на граѓаните. Испраќањето писмени известувања со најава за превземање правни дејствија од страна на инвеститорот против советничката на ДОМ во Пробиштип, Светлана Станојковска, поради “паушални и клеветнички наводи” во постови на социјалната мрежа Фејсбук, нема да не поколебаат во искрената и чесна борба против опасните рудници. За ДОМ заштитата на животната средина и здравјето на граѓаните секогаш е пред бизнис интересот на поединци.

Потсетуваме дека Основниот суд 2 и Апелацискиот суд во Скопје, по поднесената тужба од страна на Боров дол ДООЕЛ Радовиш, донесоа пресуди во корист на ДОМ. Судот оцени дека нема клевета во пренесувањето на јавно достапни информации, ниту пак намера да му се наштети на честа и угледот на тужителот. Дополнително, судот го истакна правото на слобода на изразување, заштитено според Европската конвенција за заштита на човековите права.

ДОМ останува доследен во борбата против отворање рудници кои ја загрозуваат животната средина и здравјето на граѓаните. Во изминатите три години заедно со граѓанските активисти, успеавме да го спречиме отворањето на рудници за злато и бакар, во Казандол и Иловица и да ја измениме законската регулатива, со што се забрани отворање нови рудници од отворен коп кои користат цијаниди и сулфурна киселина.

Министерството за економија, неодамна поднесе информација до Владата со предлог одлука за еднострано раскинување на договорот за концесија за детални геолошки истражувања на минерална суровина – бакар, злато и сребро на локалитетот “Плавица и Црн Врв“ во Кратово и Пробиштип. Апелираме Владата да ја донесе оваа одлука, во интерес на заштита на животната средина и здравјето на граѓаните.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *