НУ Центар за култура-Битола домаќин на Фестивал на музика од светот

Националната установа Центар за култура-Битола е подготвена за 11 издание на меѓународниот Фестивал на музика од светот кој годинава ќе се одржи од 15 до 17 ноември.

На прес-конференција во Битола, директорката на НУ Центар за култура-Битола Маја Андоновска Илијевски информира дека за фестивалот традиционално постои голем интерес, како за официјалната така и за дополнителната музичка програма.

-Фестивалот ќе почне со концертот „Танго“ на Хели Сиекинен уметница од Финска која свири на хармоника и бандеон, која веднаш по настапот во Битола заради нејзините бројни ангажмани ќе продолжи со концерти во Германија. Сиекинен е музичар од светски калибар, хармоника учела во Финска, САД и Русија и настапувала на многу светски сцени. Серијалот големи целовечерни концерти на фестивалот во Битола ќе продолжи во сабота навечер со настап на познатата балканска ѕвезда Јелена Томашевиќ која ќе биде придружувана од битолскиот Камерен оркестар, а фестивалот ќе заврши со концерт на оркестарот Џамбо Агушеви и специјалниот гостин Благојче Трајковски, истакна Андоновска Илијевски.

Дополнителната фестивалска прграмата ќе се реализира во три битолски кафулиња, каде ќе настапат Ди-џеј Срџан Јаниќијевиќ и познат театарски режисер, Ди-џеј Вишко, Ди-џеј Сашо-рисид, мини концерт со групата „Love itoya“, музичари од Нигерија кои живеат и работаат во Солун, како и настап на групата “Soul Food”.

Фестивалот на Музика од светот се одржува под покровителство на Министерството за култура и Општина Битола.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *