Ѕанакопулос: Договорот ќе помине со широко парламентарно мнозинство

Проценка дека постои приближување на позициите на владата со дел од грчките партии, а со тоа и дека евентуалниот договор ќе биде изгласан во грчкиот парламент, но и дека Панос Каменос нема да создава проблеми, изрази денеска портпаролот на грчката влада, Димитрис Ѕанакопулос, говорејќи за грчкото радио Real fm.

– Во преговорите доаѓаме со националната позиција, односно сложено име со временска или географска одредница, повлекување на иредентистичките позиции и ставови на соседот. Доколку врз основа на ова се постигне договор, целосно сум сигурен дека нема да имаме само парламентарно мнозинство, туку ќе имаме широко парламентарно мнозинство, рече Ѕанакопулос.

Во интервјуто, јавува дописникот на МИА од Атина, владиниот портпарол даде оценка за средбите што грчкиот премиер ги имаше во саботата со лидерите на политичките партии.

– Политичкиот заклучок од средбите на премиерот со политичките лидери е дека се чини дека се создава приближување на позициите на повеќето партии, со исклучок на Сојуз на централисти и господинот Мицотакис, објасни портпаролот на грчката влада за Real fm.

За односите меѓу Алексис Ципрас и Панос Каменос, Ѕанакопулос рече дека „постои добра хемија меѓу нив“ и не се доведува во прашање стабилноста на владата