На седницата за законот за јазиците, предложен избор на заменици на Џафери

На самиот почеток на 32. собраниска седница на која треба да се расправа за законот за јазиците, на барање на пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ претседателот на Собранието Талат Џафери даде пауза за да може да се разгледаат материјалите за избор на потпретседателите на Парламентот, по скратена постапка, со што, како што наведе, мнозинството сака да му обезбеди заменици на Џафери за планираната дебата по овој закон.

– Само што добивме известување дека по скратена постапка се става точка за избор на потпретседатели на Собранието, за да има кој во доцните часови од расправата да го заменува Талат Џафери. Тоа е класично силување на демократијата, рече Димовски.

Потенцира дека седницата која почна денеска, а на чиј дневен ред е Предлог законот за употреба на јазиците во трето читање, откако претседателот Ѓорге Иванов не го потпиша указот за негово стапување во сила, е многу важна за иднината на земјата.

Тезите дека со амандманите се блокира работата на Собранието, рече Димовски, се неточни, бидејќи, како што потенцира функцијата на Џафери му дава можност да ја менува динамиката на работа, да закажува нови седници или да става на дневен ред приоритетни закони.

На процедуралната забелешка на Димовски, реагираше и Џафери, кој истакна дека тој морал да го стави законот на повторно разгледување во Собранието најдоцна 30 дена откако тој не го доби потписот на претседателот Иванов и оти тоа не е никакво силување на демократијата.

Рече и дека изборот на потпретседатели на Собранието нема врска со некаква хипотетичка дебата за законот за употреба на јазиците бидејќи, како што посочи, тој е подготвен да биде во собраниската седница за дебата.

ВМРО-ДПМНЕ поднесе 35.537 илјади амандмани на Предлог законот за употреба на јазиците.

За архивирање, обработување и ставање во е-системот на Парламентот викендот беа ангажирани околу 120 вработени во собраниските служби. За да се разгледаат сите поднесени амандмани на Парламентот ќе му бидат потребни месеци.

Партиите од владејачкото мнозинство СДСМ и ДУИ, како и Беса не поднесоа амандмани за законот.

Според Деловникот, поднесените амандмани ќе бидат разгледувани само на пленарна седница. Предлагачот ќе има три минути да ги образложи и амандманот ќе може да се гласа. За да биде донесен потребно е 61 глас. Координаторите на пратеничките групи имаат право и на процедурална забелешка од три минути. Доколку се слични амандманите можат да се групираат, објаснуваат од собраниските служби, но тие ќе мора да се гласаат поединечно.

На дневен ред на оваа седница, покрај занонот за употреба на јазиците, се уште 40-тина други точки.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *